Постапката е едноставна. На ботот му се дава пораката: „Креирај карикатура од мене и мојата работа врз основа на сè што знаеш за мене“. Во прилог оди и фотографија. За неколку секунди корисникот го добива токму тоа што го побарал – својот лик во средина креирана врз основа на сите информации што му се достапни на четботот.
Во повеќето случаи корисниците во комуникацијата со ЧетГПТ додаваат и други приватни детали за работата, интересите и личните ставови, со цел карикатурата да биде што е можно повеќе автентична.
Со споделувањето на карикатурата луѓето не знаат дека се изложуваат на потенцијална измама на „лажно претставување“ – кога некој презема контрола врз профил на социјалните медиуми или креира нов.
Трендот на правење карикатури е застрашувачки, предупредува Амелија Харис, специјалистка во Gen Privacy за приватност и управување со податоци со ВИ.
Таа објаснува дека ако со четботот претходно сте разговарале за вашите деца, за миленичињата, работата или хобито, за плановите за патувања, можеби дури и за емоционалните состојби и за правни проблеми, сето тоа се пакува и се чува во ЧетГПТ и се користи за изработката на карикатурите. Кога ќе се додаде и фотографија, ЧетГПТ може да ги анализира метаподатоците и да ја добие точната локација каде работното место и вообичаеното работно време.
Политиката за приватност (која ретко кога се чита во целост) вели дека ЧетГПТ открива лични податоци на ентитетите на Опен АИ. Заклучно со ноември 2025 година, над 1.000.000 бизниси го користат платформи на Опен АИ.
Ако објавите таков вид лични информации на интернет нека не ве изненади ако некој ви го украде идентитетот. Тоа е како да одите во јавен сообраќај со банкнота што ви штрчи од џебот, а потоа се чудите зошто ви ја снемало, вели Харис.