До вчера отпуштаа од ИТ, сега вработуваат

По една година делење откази за да ги намалат трошоците и да привлечат повеќе инвеститори, големите технолошки компании почнаа да вработуваат нови луѓе за да го постигнат ветениот раст. За информатичари се отворија и индустриите кои веќе се модернизираа со ВИ. Тоа е одраз на несигурноста на работодавците кои не можат да одредат баланс помеѓу луѓето и машините.

Во поголемиот дел од изминатите 18 месеци, големите американски работодавци беа убедени дека помалку плати за вработени водат кон побрз раст. Сега отпуштањата се намалуваат. Федерални податоци покажуваат дека во изминатата недела имало најмалку барања за надомест за невработеност уште од 1969 година.

Работодавците пресметуваат што може да направи вештачката интелигенција, а за што се неопходни луѓето. Многу компании престанаа да примаат вработени на почетно ниво, мислејќи дека агентите за ВИ се поефикасни за едноставните задачи. Оттогаш сфатија дека луѓето се неопходни за да работат заедно со новите алатки. Ако имате агенти што програмираат не значи дека не треба да вработувате инженери, вели Сара Френклин, директорка на платформата за човечки ресурси Lattice.

Анат Ашкенази, финансискиот директор во Алфабет, најави прием на нови работници во клучните области како што се ВИ и „клауд“ услугите. Софтверската компанија ServiceNow сака да вработи повеќе директори за продажба за области како кибернетската безбедност.

Влијанието на вештачката интелигенција врз пазарот на трудот се покажува како побенигно отколку што некои стравуваа. Побарувачката за вработувања се подобрува, вели Кит Вадел, директор на фирмата за услуги при вработувања „Роберт Халф“.

Нови позиции се отвораат и во производството. Железничкиот гигант CSX објави дека во наредните месеци „скромно“ ќе го зголеми бројот на вработени во услугите за возови и мотори за да ја задоволи зголемената побарувачка.

Пол Остерман, професор на МИТ, предупредува дека пазарот влегува во хаотична фаза. Според него, многу компании ќе продолжат да ги третираат вработените во зависност од актуелната ситуација. Кога ќе почувствуваат потреба ќе ги отпуштаат или ќе ги деградираат на пониски работни места со скратено работно време. 

ВИ внесува голема неизвесност кај работодавците: Дали ни требаат повеќе луѓе? Дали ни требаат помалку луѓе? Тие не се сигурни што им треба. Во меѓувреме нема да запрат предупредувањата дека моќта на ВИ ќе ги замени луѓето и ќе им заштеди пари на инвеститорите, вели Остерман.

28 јули 2026 - 14:33