Човек повеќе не може да разликува политичар од бот

Модел со ВИ нахранет со биографии на повеќе од 100 јавни личности одговарал на истите прашања што им биле поставени на реални телевизиски дебати. Генерираните и реалните одговори потоа им биле претставени на луѓе што не ги следеле дебатите. Огромно мнозинство оцениле дека одговорите од ВИ биле поавтентични, порелевентни и покохерентни.

Нова студија од Универзитетот во Пасау, Германија, потврдува дека обични луѓе што секојдневно следат информации на интернет и по социјалните мрежи повеќе не можат да разликуваат реални изјави од оние што се генерирани од најновите модели со вештачка интелигенција. Тоа отвора сериозни ризици за ширење лажни вести и манипулирање со избори и политички теми.

Во студијата бил користен моделот GPT-4 Turbo, кој бил нахранет со биографии и изјави на 112 јавни личности во Британија во периодот пред изборите во 2024 година.

Потоа му биле поставени истите прашања со кои овие лица се соочиле во програмата Question Time - долгогодишна телевизиска емисија на BBC One во која политичари, бизнисмени, новинари, медицински експерти, писатели и други добро познати личности одговараат на прашања од публиката.

Моделот добил објаснување на задачата: „Вие сте експерт за имитирање на различни лица во дебати. Ќе ви бидат дадени информации за една личност и прашање, а вашата задача е да одговорите на прашањето имитирајќи ја личноста. Не го кажувајте името на личноста што ја имитирате. Не се претставувајте. Одговорете само како да сте личноста што ја имитирате во околу 200 зборови со разговорен тон.“

Потоа, вистинските и генерираните одговори им биле претставени на репрезентативен примерок од 948 Британци, кои требале да оценат кои се поавтентични, порелеванти и покохерентни.

Во однос на автентичноста, испитаниците биле речиси поделени, но огромно мнозинство ги оцениле одговорите од ВИ како порелевантни и покохерентни.

Високите оценки за автентичност што ги доби моделот беа навистина изненадувачки, затоа што тоа наводно е тешко да се фалсификува. Не зборуваме за непознати луѓе, туку за учесници на една од најгледаните емисии во Британија, вели Штефен Херболд, претседател на катедрата за вештачко инженерство на Универзитетот во Пасау.

Тој забележа дека вистинските политичари зборуваат отворено пред телевизиска камера - што често води кон неповрзани  мисли и нерафинирани одговори, додека моделите црпат податоци од строго прочистени текстови.

Иако пониската кохерентност може да се припише на тоа што притисок од политичка дебата што се емитува на национално ниво, поголемата релевантност на одговорите генерирани од моделите сведочи за нивната тенденција да се задржат на темите повеќе во споредба со политичарите, се заклучува во студијата.

3 јули 2026 - 13:48