Ова е тој момент. Сега сме во сингуларност, изјави Алтман.
Футурологот Реј Курцвеил пред две децении предвиде дека сингуларноста ќе настапи во 2029 година, а до 2045 луѓето и компјутерите ќе се спојат во суперорганизам. Други „кумови на вештачката интелигенција ја очекуваа до крајот на оваа деценија, имајќи го предвид експоненцијалниот подем на новите модели.
Алтман лани самиот предвиде дека има уште пет години до границата. Во блогот „Благата сингуларност“ напиша дека до сингуларноста ќе се стигне постепено и дека луѓето воопшто нема да забележат кога ќе биде достигната.
Си го промени мислењето откако два агенти на OpenAI неодамна на тестирање на кибернетските способности избегале од „кафезот“ и хакирале други системи за да ги пронајдат одговорите. Инцидентот со одметнатите ботови го објавија компаниите на натрапникот – OpenAI, и на жртвата – Hugging Face. Според нов извештај, ботовите нападнале уште една компанија од мрежата на платформата Modal Labs, но не се објавени детали, освен дека обидот за хакирање не бил успешен.
Некои експерти ја сметаат приказната за преувеличена, како маркетиншки трик на Алтман, за да прикаже пред јавноста и пред инвеститорите колку се напредни новите модели на GPT.
Ако било трик, успеал. Извештајот предизвика вознемиреност кај инвеститорите, регулаторите и корисниците. Повеќе од 1.100 вработени во компании за ВИ вчера во отворено писмо ја повикаа владата на САД да воспостави механизми за запирање на развојот на моделите.
Брајан Џексон, директор за истражување во „Info-Tech Research Group“, вели дека инцидентот со ботовите на ОpenAI не значи сам по себе дека е преминат прагот и дека вештачката интелигенција станала независна.
Случајот ќе можеше да се смета за доказ за сингуларност ако ботовите самостојно решиле да избегаат од затворената средина, но тие всушност се обидуваа да ја спроведат задачата што им беше доделена од луѓето. Изненадува што тоа го сторија на начин што никој не можел да го предвиди, но упадот во другиот систем беше откриен и OpenAI успеа да ги исклучи, објаснува Џексон.
Алтман не ги смета суперинтелигентните машини за закана за човештвото.
Тоа ќе биде неверојатно, исклучително позитивно и прекрасно за светот. Возбуден сум што ќе работам на тоа, вели шефот на OpenAI.