Кога на Нели Блај ѝ здосадило да пишува за мода и градинарство, се пријавила шпионски во ментална институција и лажела дека е луда за да ја разобличи злоупотребата што се случувала таму. Кога ја прочитала „Пат околу светот за 80 дена“, самата решила да го испроба патувањето и ѝ успеало за 72 дена, 6 часа и 11 минути и влегла во светски рекорди како прв човек што успеал во тоа. Кога се омажила и се очекувало да стане домаќинка, патентирала два дизајни за челични конзерви и станала газдарица на милионска компанија. И сето ова пред да наполни 40 и пред жените да добијат право на глас.
Пред своето време била насочена на промовирање социјална правда и борба за правата на незгрижените и експлатирани жени во доцниот 19 век.
Родена е како Елизабет Џејн Кокран во 1864, во Пенсилванија, САД, како едно од 15 деца во поширокото семејство. Татко ѝ починал кога имала шест години, и иако бил успешен бизнисмен, ова не влијаело многу на Нели - се запишала во школо во 1880, но морала да се отпише по една година затоа што немале пари.
Прв пат се сретнала со новинарскиот свет кога била тинејџерка и напишала строго, феминистичко писмо до еден уредник за да се побуни на статија во која се тврдело дека „жените ги бива само за раѓање и за домашни работи.“
Уредникот бил толку шармиран од нејзиниот одговор, што ја замолил да напише официјална реакција под псевдонимот „Осамената сирачка“, па напишала бесна статија за тоа како разводот незгодно влијае на жените и побарала промена во тогашните закони за развод. Ѝ понудиле работа со полно работно време и псевдоним Нели Блај, поради лик од афро-американска песна и името останало.
Била решена дека има да ги разоткрие сите непријатности со кои се соочуваат жените на работа, но се разбира, привлекла и поплаки од сопствениците на фабриките поради тоа. Ја тргнале од сериозниот дел на весникот и ѝ дале да пишува за мода и градинарство. Фрустрирана и одлучна, решила дека ќе направи нешто „што ниедна девојка досега го нема направено“ и инсистирала да ѝ се додели задача да оди во Мексико како коресподент од странство. Во текстовите, ги истражувала и прикажувала животите и обичаите на мексиканците, меѓу другото и хорорите кои ги живееле на некои работни места.
Се вратила и известувала за уметност, но била незадоволна и го напуштила весникот. Отишла во Њујорк во 1887, во надеж дека нејзината репутација ќе ѝ овозможи добра работа во њујоршки весник, и тоа инкогнито, што излегло благослов бидејќи баш за инкогнито задачи и ја бивало. Така „андеркавер“ и влегува во Женскиот азилиум за луди на Рузвелт Ајленд и пишува извештај за бруталните и незгодни услови во болницата.
Нејзината храбра, па дури и невнимателна природа била совршена за оваа задача. Прво требало да добие класификација за „ментално нездрава“ од доктор, полицаец и судија. За да изгледа како што треба, намерно се оставала без спиење со ноќи. Потоа се придружила на жени во шелтер и намерно предизвикувала хаос со лошо однесување и лажни обвинувања за менталната состојба на другите жители. Успеала: добила сертификат и ја транспортирале во институцијата на Рузвелт Ајленд. За десет дена ја ослободиле и извештајот за ужасните услови бил објавен за сите да можат да го прочитаат. Статијата, а подоцна и книгата „Десет дена во лудница“ ја освојуваат јавноста и предизвикуваат социјални реформи, не само на Рузвелт Ајленд туку и низ цели САД.
„Жалам само што не отрув повеќе болничари.“
Почнуваат да ја обожаваат и новинарите и јавноста, а настанот започнува мода на „детективско известување“, кое го води и експлоатира сопственикот на нејзиниот матичен весник, Д Ворлд - Џозеф Пулицер.
Кога решила дека ќе го тера подвигот инспириран од Жил Верн и ќе пишува за тоа, конкурентски весник, Њујорк Космополитен исто така пратил жена на патување.
Ги поминала Англија, Франција (каде го запознала и интервјуирала Жил Верн), Италија, Суецкиот канал во Африка, Сејлон, Сингапур, Хонг Конг, Јапонија и се вратила во САД. Стигнува пред конкуренцијата и станува национално богатство.
На 31 година се мажи за 62 години постариот милионер Роберт Симен, и како да не е доволен предизвик разликата во години, решава да го води неговиот бизнис за челични контејнери. Роберт умира во 1904 и ја остава Блај решена дека треба да работи како работодавач за пример и дека ќе создаде најдобри услови за нејзините вработени.
После ова, се фаќа за дизајн и креира метална конзерва за млеко. Иако паметна, сепак имала доза на наивност, па ова во комбинација со препреден и лажлив менаџер ја довело компанијата до банкрот.
Со почетокот на првата светска војна, Нели му се враќа на новинарството - и оди на европскиот фронт. Веројатно е првиот женски, странски коресподент што го посетил и што известувал од австро-српскиот конфликт. За жал, погрешно толкуваат дека е британски шпион и ја апсат.
Назад во Америка, продолжува да известува за женските права.
Елизабет Џејн Кокран, позната како Нели Блај, умира од пневмонија на 22 јануари, 1922. Ја паметат како немирна душа решена да ги расветли нееднаквостите со кои биле соочени жените во општеството. Имала сопствен рецепт за тоа и никогаш не се повлекувала од ризикување на животот за да постигне нешто.
Останува во историјата како бизнис-жена и хуманист, но токму нејзината улога како каскадерски новинар и можеби женскиот пионер во современото истражувачко новинарство ја прави бесмртна.