„Кога навредата на понтифот стигна до наслови во јануари, се изнервирав и ме преплави желба да го бранам мојот избор,“ вели Али Паско од Мари Клер. „Но тогаш, моето куче што го спасив од улица, Дејзи ми се свитка до мене на каучот и се издиша, па одеднаш, коментарите на една 85-годишна, бездетна девица од другата страна на светот како да не беа повеќе важни.“
Дејзи ја има посвоено од шелтер за животни за време на средовечна криза. После раскинување, многу селење и промена на кариера, се чувствувала изгубено, посакала стабилност и причина да стане од кревет, и безусловна љубов, и ја добила во вид на кутре.
Далеку од тоа дека е малцинство. Сè појасно е, кога ќе се загледаш во содржините на видео-платформите и изјавите и фотографиите на социјалните мрежи, дека ова е свет на кучиња и мачки, ние само живееме во него. Сопствеништвото на миленици во Австралија има достигнато рекордни висини од почетокот на пандемијата и, според истражувања, сега 69% од домаќинствата таму имаат милениче. Токму миленијалците го водат овој тренд - над 60 проценти од популацијата меѓу 26-41 година чуваат животно.
Менталните и психичките бенефити од чување куче се документирани. Сопствениците на кучиња имаат 24% помал ризик од смртност од било која причина, 65% пониски шанси да умрат од срцев удар и 31% помалку шанси да умрат од кардиоваскуларни болести. Кучињата позитивно влијаат и на анксиозност, депресија и осаменост. Миленијалците се најанксиозната генерација до сега, и 1 од 10 живее сам, па не е ни изненадување што се вртат кон кучиња за утеха.
„Здравствените бенефити од кучињата се значителни. Го намалуваат крвниот притисок, помагаат со астма, алергии и егзема и го намалуваат ризикот од умирање,“ вели д-р Мин Јео, чија пудлица Мими е тренирано куче за терапија. „Само гледајќи едни во други, и луѓето и кучињата искусуваат пораст во окситоцинот, што е иста реакција како кога родител гледа во своето бебе.“
Терминот „крзнено бебе“ не е само иритантен хаштаг на Инстаграм, туку е одраз на тој многу вистински феномен кога луѓето на своите миленици гледаат како на псевдо-деца. Има и истражување што покажува дека 71% од луѓето што земале куче за време на локдаун, го направиле тоа како замена за раѓање дете.
Кога на Инстаграм некој ќе објави дека земал животинче, веста се пречекува со истите фанфари како раѓање на човечко дете, со луѓе што честитаат и „добре дојде во светот, г-це“. За некои, миленикот не е замена за дете, но дефинитивно е начин да се пополни празнина во животот.
Ако ја земеме Австралија за пример, раѓањето е со најниска стапка во историјата. Ова се припишува на подобро образование и опции за вработување за жените, кои бираат да започнат семејство подоцна во животот, па со тоа и завршуваат со помалку деца. Има и такви што одлучуваат да немаат бебе воопшто, и тоа од различни причини: климатска криза, пренаселеност на светот; трошоци за живот, и да - пандемија. И тука, на дното на графата за плодност почнува порастот на посвојување миленици.
„Кучињата се помала одговорност од бебе, помали се шансите да врескаат во 2 наутро и можеш да ги оставиш сами дома додека пазариш,“ објаснува Јео.
За парови, чување куче знае да биде пресудно искуство, отскочна даска кон, или џиновски скок подалеку од бебе. „Може да ги зближи паровите,“ вели Јео, а забележува и дека дефиницијата на семејство е сега проширена и вклучува миленици. „За луѓето што не можат да имаат деца или бираат да немаат, кучето помага со друштво и носи некаква сигурност во овие несигурни времиња.“
Пред да почне некој да набројува на кој сè начин се кучињата различни од децата, нека биде јасно: 81% од луѓето ги сметаат милениците еднакво важни за семејството како децата, а 78% од жените се сметаат за „кучешка мајка“, наместо за „сопственичка на куче“. Во денешно време, луѓето на животните им пружаат грижа како за човек: свесни се за потребата од физичка активност, социјализација и придобивки од редовно тимарење и здрава храна.“
Може ли да се стави цена на безусловна љубов? И тоа како - глобалната индустрија за грижа за миленици има пораснато од 216 милијарди долари во 2020, до 232 милијарди во 2021 и се има инфилтрирано во нашето секојдневие. Сега модерни кафулиња нудат грицки за миленици, „кучечино“ (puppuccino, капучино за pup - кутре), има дури и дејтинг сајтови што им помагаат на луѓето со миленици да си најдат совршен спој за нив.
За луѓето што живеат со животни, чувањето миленик не е акт на себичност. Тоа е многу потребна конекција, обид да се има семејство, наоѓање љубов.
„Минатиот викенд,“ вели Али Паско, „заминав од забава пред 9 часот - што беше прв пат - затоа што моето куче беше само дома и бев загрижена. Ако ништо друго, Дејзи ме направи помалку себична. Сега само сакам да бидам добра мајка на куче, дури и ако тоа значи да заминам од забава кога ми е најинтересно. Можеби и на папата ќе му користи некое кученце во животот?“