Од разонода што ти е дел од денот, социјалните мрежи (и ова милион пати е резимирано) ни навлегуваат во секое ќоше од животот. Можеби и сте забележале во несекојдневни ситуации како патувања, или плажа, или целодневни семејни настани дека ретко посегнувате по телефонот? Од друга страна, кога е „тоа, па тоа“, скролате по нив со кафе, со ручек, со филм (и онака стануваат неподносливи новите филмови), на работа и потребна е само една промена во свеста да сфатите дека буквално сте изгубиле време.
Се разбира, знаат да бидат забавни, знаат да бидат редок начин на комуникација со заборавени и незаборавени луѓе, знаат да бидат бескрајно корисни - но факт е дека толку ги навикнавме, што сега главно служат за трошење на часови што можеле да се поминат во нешто тотално неповрзано со нив. И што е најинтересно (најтрагично?) кога ќе се фатиш себеси како „си им избегал“, неизбежно ти се појавува едно чувство на слобода.