Зошто е тешко да се расправаш со глупи луѓе?

И како е можно да се упорни дека се во право, и да се уверени дека се паметни, без разлика што нивните зборови и дела укажуваат на спротивното?

Дури и невронаучници го сметаат овој феномен за фасцинантен. Последниве 20 години, двајца социјални психолози, Дејвид Данинг и Џастин Кругер се обидуваат да дадат одговор на прашањето „Зошто глупите луѓе мислат дека се паметни?“

Замислете колку им е нив забавно на работа.

Инспирацијата им доаѓа од еден вооружен грабеж на банка, од страна на човек, сред бел ден, без никаква маска на лицето, но сепак - му било прекриено со сок од лимон?! Кога го уапсиле, рекол, „Ама го носев сокот!“

Со оглед на тоа што лимонов сок се користи и за невидливо „мастило“, човекот (пофаќате кај води ова?) помислил дека ако се посипе со сокот, некако… ќе стане… невидлив. И за луѓето и за сигурносните камери.

Инспирирани од оваа вонсериска глупост, Данинг и Кругер собираат луѓе за да ги испитаат - им рекле да се оценат себеси во однос на граматика, логика и разум и хумор. Потоа, резултатите ги споредуваат со резултати од тестови што им ги дале и surprise! - откриваат дека луѓето се сметале за далеку покомпетентни отколку што реално биле.

Повторно научно гледано, како луѓе, главно си ги преценуваме талентите, но колку е поинфериорен талентот или интелектот кај човекот, толку повисоко се цени себеси. Ова се должи и на природната егоцентрична предрасуда на мозокот. Мозокот едноставно се обожава себеси и максимално се труди да „изгледа добро“, по цена и на филување и измислување факти, криење работи и несамокритичност. Од таму и увереноста дека мора да победиме во дискусија; од таму и поразителниот, или можеби - ослободувачкиот факт дека - во дискусија/расправија - не можеш да победиш.

Едноставно е - најмногу што може да произлезе од една расправија е учесниците на крај да останат уверени дека сепак биле во право.

Ако на една журка, сретнеш набилдан, окезен тип, нема да му се плашиш, освен да не те истепа. Но, ако сретнеш реномиран професор по астрофизика, одеднаш (и од нејасни причини) чувствуваш закана. И ова се должи на егоцентризмот на мозокот - гледајќи го билдерот, знаеш што правел за да стигне до супериорната сила и градба и знаеш дека ако го правиш истото, и ти можеби можеш да се доведеш до негово ниво. Што е поважно - можеш да предвидиш - што ќе каже, како ќе се однесува и дали ќе ти удри бокс ако го навредиш.

Со научникот не можеш да предвидиш што ќе се случи и на што како ќе реагира. И ако сме свесни дека не можеме да ја достигнеме ни флуидната ни кристализираната интелигенција на научникот (објаснети тука), чувствуваме природна тенденција да го отфрлиме тоа што не можеме да го подобриме.

Овде некаде лежи и причината зошто „попаметниот попушта“ и се повлекува од расправија. Паметните луѓе, без разлика што знаат дека се супериорни, се свесни и дека другите ги гледаат со недоверба и страв, па се повлекуваат во недостаток на самодоверба. Притоа, самиот факт дека се паметни, произлегува од нивната природна тенденција да се сомневаат во нештата, па за жал и во себе. Постојано поставуваат прашања, се сомневаат во своите теории и се свесни дека нема шанси да знаат сѐ. Наспроти тоа, глупите луѓе баш и не се прашуваат многу-многу. Не се ни многу интроспективни, што е веројатно и причината зошто се толку глупи. Затоа се и толку самоуверени во однос на нивните моронски, неосновани ставови. Не знаат да ги споредат со емпириски докази затоа што и онака не го правеле тоа до сега, а и зошто? Секако не се сомневаат во себе.

И, како што покажал експериментот од погоре, глупите луѓе ретко сфаќаат дека се глупи.

Накратко - неспособните се сметаат за многу способни.

Способните се сомневаат во својата способност.

А Џорџ Карлин еднаш рече: Помислете колку е глуп просечниот човек и после нека ви текне дека пола свет е поглуп и од тоа.

3 март 2021 - 00:00