Нашата психолошка историја ни наметнува да паѓаме само на одреден тип на луѓе. Бараме такви кои на одреден начин ќе ги рекреираат тие чувства што сме ги сакале кога сме биле мали. Проблемот е што љубовта што сме ја примиле во детството не била составена само од нежност и љубезност. Со оглед на тоа каков е светов, чувствата од детството може да ни се испреплетени со непријатни, болни искуства - на пример, чувство дека не сме доволно добри, љубов кон родител што бил фрагилен или депресивен; чувство дека не смееш да си дозволиш да бидеш ранлив. Ова налага како возрасни да бараме партнери кои нема само да бидат пријатни со нас, туку ќе ни бидат познати. Може да сме ограничени да вртиме глава од некои потенцијални кандидати затоа што не ги задоволуваат некои од комплексностите што ги врзуваме со љубовта. Може некој да „да не ни е секси“ или да е „досаден“ кога вистински мислиме дека „нема да предизвика да страдам на начин на кој мислам дека треба за да почувствувам дека љубовта е вистинска“.
Често се случува и да се советуваат луѓето кои обично лутаат по проблематични кандидати едноставно да ги откачат и да најдат „некој подобар“. Ова е теоретски привлечно, но истовремено често практично невозможно. Не можеме магично да смениме правец кога се работи за она што нѐ привлекува. Наместо да целиме кон трансформација кај типовите на луѓе што нѐ привлекуваат, може да е помудро едноставно да го приспособиме начинот на кои реагираме и се однесуваме покрај повремено тешки карактери, кон кои нашето минато диктира привлечност. Проблемите често настануваат затоа што продолжуваме да реагираме на интересни луѓе на ист начин како кога сме биле деца во присуство на оригиналите на истите тие луѓе.
На пример, можеби сме имале нервозен родител што често го кревал гласот. Сме го сакале и сме мислеле дека кога е лут, сигурно сме ние виновни. Сме станувале повлечени и скромни. Сега, ако партнер (кој ни е магнетски привлечен) се налути, реагираме како смачкани, искарани деца: се муртиме, мислиме дека е наша вина, сметаме дека го заслужуваме критикувањето, собираме гнев. Во случајов, нѐ привлекува човек со краток фитиљ. Друг пример: Ако сме имале кршлив, ранлив родител, што е лесно да го повредиш, спремно завршуваме со партнер кој исто така е малку слаб и бара да се грижиш за него; но со време нѐ фрустрира таа слабост, па газиме на јајца, се обидуваме да го охрабриме и да му дадеме сигурност (како кога сме биле мали) и истовремено го осудуваме затоа што не заслужува.
Овие темплејти на привлечност веројатно не можат да се сменат. Но наместо да пробуваме радикално да ги преспоиме инстинктите, она што може е да пробаме да научиме да реагираме на пожелните кандидати, не како кога сме биле деца, туку на позрел и поконструктивен начин, како рационален возрасен човек. Постои огромна шанса да се премине од детски на возрасен начин на реакција во однос на потешкотиите кои нѐ привлекуваат.
Речиси е сигурно дека сме со некој со проблематични карактеристики што ни ги будат желбите и детските дефанзивни потези. Одговорот не лежи во прекинување на врската, туку во трудот и справувањето со предизвиците, со мудрост за која не сме биле способни кога прв пат сме ги сретнале овие карактеристики кај родител или друг воспитувач. Можеби нема да лоцираме комплетно порасната личност, но секогаш е можно да се биде „пораснат“ и да се однесуваш возрасно околу партнер што има помалку зрела страна.