Жените почнаа да се вртат кон дечковци од компјутерски игри

Има и внимателни дечковци, не дека не - емотивно се достапни, секогаш знаат што да кажат во прав момент - ама не постојат надвор од екран.

Последниве години, таканаречените otome игри - жанр на романтични наративни видео игри наменети главно за жени, бележат глобален раст. Потекнуваат од Јапонија и постојат уште од 1990-тите, но денес се трансформираат во многу пософистицирани дигитални светови, со сложени приказни, визуелна естетика и интерактивни романтични врски што се одвиваат во реално време. Една од најуспешните меѓу нив, Love and Deepspace, во последните години достигна стотици милиони долари приходи и огромна меѓународна база на играчи.

Незгодното е што за дел од жените што ја играат, не се работи само за забава, туку, како да се заживуваат со „дечковците“. Зборуваат како реалниот дејтинг простор станува сè потежок за навигација, емоционално нестабилен или едноставно неусогласен со нивните очекувања. Во исто време, „врската“ во играта е секогаш достапна, предвидлива и внимателно дизајнирана да реагира точно онака како што играчот има потреба.

Во Love and Deepspace, играчот ја презема улогата на централна фигура во наративот - станува лик со сопствена мистериозна историја, супермоќи и сложен универзум околу себе. Машките ликови не се само сликички, туку интегрирани делови од приказната: другари од детство, колеги, или ривали - ставени таму за постепено да стануваат партнери. Како дел од играта ти праќаат пораки, ти се јавуваат, ти реагираат на изборите и - отклучуваат интимни сцени кои се осмислени така детално што добиваш чувство дека се персонализирани.

Една корисничка, 26-годишна Леа, опишува како нејзиниот виртуелен партнер буквално „ѝ пишува“ во текот на денот. Нејзиниот коментар е едноставен, но симптоматичен: реалното бркање дечковци ѝ се чини премногу неизвесно за да оправда каков било емотивен влог - оваа форма на врска нуди контрола и емоционална конзистентност.

Слични искуства опишуваат и други играчи. На некои, otome игрите им помогнале да разберат како комуницираат во романтични ситуации и какви типови личности ги привлекуваат.

Она што ги привлекува корисниците е моментот што, додека во реалниот живот, конфликтите и недоразбирањата немаат јасни сценарија - во играта секој избор води кон структуриран исход, па таа предвидливост станува дел од емоционалната привлечност.

Плус, овие дигитални партнери се стабилни. Не се повлекуваат, не прават топло-ладно, не реагираат непредвидливо - дизајнирани се да бидат емпатични, достапни и „точно тоа што ти треба“.

Некако непријатно, нели?

Особено кога ќе дојдеме до моментот дека токму таа совршеност носи своја тензија - врската не бара компромис, нема несигурност, не бара вистинско усогласување на две автономни личности. Постои во затворен систем кој е направен да функционира. Некои играчи тоа го гледаат како олеснување, други како свесна илузија која не може да се пренесе во реалниот свет и тоа станува проблем.

Интересно е што за многумина, ова не значи повлекување од реалните односи. Дел од играчите велат дека игрите не ги заменуваат вистинските партнери, туку функционираат како паралелен емоционален простор. Некои дури тврдат дека им помагаат да бидат поотворени во реални интеракции, или да разберат што сакаат, а што не сакаат во врска.

Сепак, незгодното лежи на друго место - постепено поместување на очекувањата. Никој не вика дека треба да ги спуштиш критериумите во минус, само за да фатиш дечко, ама па, кога „партнерот“ секогаш знае што да каже, никогаш не се повлекува емотивно и секогаш реагира со идеална доза на внимание, реалните односи неизбежно изгледаат понеуредни, понејасни, потешки за читање.

А, кога ќе размислиш, да не создава и порното сличен проблем со децении наназад?

На прв поглед изгледа како многу специфична форма на забава, ама може да се каже дека otome игрите сè повеќе функционираат како културолошки симптом: одраз на генерациски промени во начинот на кој се доживува блискоста, интимноста и довербата. Играчите се свесни дека се работи за пиксели. А сепак, и покрај свесноста, им делуваат доволно реално за лесно и спремно да им дадат тежина.

И тоа создава една општа неизвесност околу тоа каде ќе се движат меѓучовечките односи во иднина.

15 јуни 2026 - 10:01