Жената што ја измисли „Naked” палетата

Венди Зомнир е основачката на Urban Decay Cosmetics, и главниот креативец зад Naked, сенките што светот не ги вади од уста и од несесер за шминки. Има 10 милиони на Инстаграм, култни производи, приватно е сопруга и мајка на две деца и, како што кажува самата - опседната со шминка, ама тоа некако јасно ни беше.

Naked никако да дојдат кај нас во оригинал, па на некои други креативци им текнало да ги носат во една поинаква форма за која што веќе пишувавме.

Инаку, некаде кон средината на ’80-ти, на Зомнир и текнува нешто, кога забележува дека нема бренд за шминка со производи што баш нејзе и требаат. Во тоа време, по списанија и телевизии има русокоси манекенки со сини очи и тие претставуваат идеална убавина. А сепак, како што кажува Зомнир, луѓето не се правени по калап.

„Навистина ми пречеше што бевме приморани да го следиме тој стандард за убавина што други го дефинираа,” вели таа. „Ова искуство го имав кога имав 16 години. Мојот свештеник дојде и ми рече ‘Мислам дека се криеш зад маска од шминка.’ Јас му реков ‘Воопшто не се кријам. Мислам дека се откривам и Ви кажувам за себе.’”

Зомнир во тој момент сфаќа дека никој не смее да и суди што носи шминка и дека главната поента е да се изразиш преку неа. И токму ова довело до Urban Decay.

Што е тоа што го одвојува Urban Decay од другите брендови?

Венди одговара: Сакавме да бидеме автентични и секогаш сме се залагале за нешто што го викам „убавина со острина.” Се уште се обидуваме го примениме тоа во се што правиме. Пазарот се менува, потребите на луѓето се менуваат. Очекувањата во однос на тоа што еден мејкап бренд ќе донесе секогаш се менуваат. Морате да бидете во тек со сето тоа и мислам дека затоа што сакаме да бидеме автентични и затоа што самите сакаме шминка, не сме од оној тип на луѓе што ќе речат „Што му треба сега на пазарот?” туку сме луѓе вљубени во шминка што ќе речат „Леле, ја пробав формулава и морам да ја споделам со сите.”

Naked палетата е најпродавана палета за сенки на сите времиња, до тој степен што во еден момент во светот се продавала по една на секои 4.5 секунди. Во моментов не е баш на тоа ниво, но секако беа најбараниот козметички производ. Она што е интересно за Naked е како се доаѓа до идејата.

Венди вели, „Еднаш морав да патувам и си реков ми требаат четири основни сенки, а јас морам да ги м’кнам сите овие бои со мене. Може треба да направам палета со четири основни сенки за да можам секаде да ја носам.”

Имаа и проблеми со сенката „Druggie” и  ајлајнерот “Razor Sharp”. И од тие проблеми се спасија само затоа што имаат многу лојални фанови кои се помирија со контроверзите и продолжија понатаму.

Светот денес сече вени по инклузивност, а купувачите и инфлуенсерите често знаат да нападнат одредени брендови што не го направиле очекуваното: најчесто тоа се доволно нијанси на пудри за сите бои на кожа. И Венди Зомнир се согласува:

„Инклузивноста е многу важна и ако се вратиме наназад низ историјата на брендот, навистина бевме пионери, пред сите други кога се работи за форми, големини, бои и сè тоа. Навистина сакавме да ја прошириме дефиницијата за убавина и да ја направиме поинклузивна уште од првиот ден. За тоа и постои Urban Decay.

Се радувам што гледам дека луѓето бараат повеќе нијанси и подтонови, а сето тоа се обидуваме да го правиме веќе долго време. Посветено работиме со вистински луѓе. Не го базираме спектарот врз некоја база на податоци, ги собираме пријателите и така откриваме што е најдобро. Секоја нијанса е врзана со човечко суштество.”

25 април 2018 - 18:14