Жената што држи курс кој ги врзува Тејлор Свифт, Шекспир, Хичкок и Плат

Насловот на курсот е „Песнарката на Тејлор Свифт' и покрива основни методи на книжевна анализа и истражување.

Предавањето е дел од воведна програма по англиски и исполнува различни барања за потенцијални дипломци од англиски јазик.

Елизабет Скала, професорка по англиски јазик на Колеџот на либерални уметности во Остин, Тексас, неколку години го предавала курсот како Хари Потер-курс, воведувајќи ги студентите во класичната британска литература со истражување на романтичните и средновековни книжевни традиции присутни во романот.

Но, на почетокот на годинава сфатила дека ѝ е здодевно. Била принудена често да слуша Тејлор Свифт затоа што имала ќерка на возраст за колеџ, која била дома за време на пандемијата. Во тој момент, Свифт го извадила албумот Red.

Слушајќи ја песната All Too Well, сфатила дека нејзината живописна сликовитост и емотивни детали ги имале сите особености на една голема наративна поема. Според нејзе, Свифт ја пишува песната на начин кој рефлектира враќање на спомени. Стиховите стануваат сѐ посилни и се надоградуваат штом почне да се присетува на минатото. Истовремено, сликите во песната се движат од есен кон зима, како што се сеќава на почетокот на врската и нејзиниот студен крај.

На курсот одлучува ги спои песните на Тејлор Свифт со повеќе поеми, една драма, роман и филм. Семестарот почнува со спарување на песните на Свифт со ренесансна љубовна поезија. Еден час се анализираат метафорите, споредбите и боите во песната „Црвено“, а една недела подоцна се навлегува во истражувањата на Шекспир на слични бои во славниот 73. сонет That time of year thou mayst in me behold.

Свифт вели вака:

Loving him was blue like I’d never known

Missing him was dark gray, all alone …

But loving him was red

Шекспир, од друга страна, вака:

That time of year thou mayst in me behold /

When yellow leaves, or none, or few, do hang, 

пред да ги прикаже портокаловите нијанси на есента со:

sunset [that] fadeth in the west

и

the glowing of such fire

That on the ashes of his youth doth lie.

Каде што Свифт се движи од студени тонови кон „црвено што гори“, Шекспир користи сѐ потопли тонови: од жолта, до портокалова, па до црвена. Но и двајцата се движат кон интензитет на боја и топлина.

Некои спарувања се очигледни. На пример, Love Story на Свифт ги спомнува Ромео и Јулија со Romeo save me, I’ve been feeling so alone.

Некои пак се понеочекувани - ги има споредено романот „Ребека“ на Дафне ду Морие, кој Хичкок го има адаптирано за филм во 1940-та, со песната на Свифт, The Last Great American Dynasty.

Приказната е за скандалозната Ребека (се пишува Rebekah во песната на Свифт) и сите три дела ја истражуваат врската меѓу лутите и лудите жени, тенката линија меѓу бесот и лудилото. Темата Свифт ја обработува во повеќе песни - конкретно Mad Woman, Скала ја спарува со песната на Силвија Плат, Lady Lazarus.

Курсот е релевантен во денешно време затоа што го допира духот на времето на начин на кој Скала не можела ни да го замисли кога прв пат ѝ текнало. Иако музиката на Свифт е популарна и има посветена база на обожаватели, албумот Midnights од октомври, 2022 го прави курсот уште порелевантен за студентите.

Критичката лекција од курсот е да се препознае како одредени поетски и книжевни средства оперираат во постари текстови и колку тие книги и песни од минатото помагаат да се цени уметноста на Свифт на подлабоко ниво. Студентите се посебно возбудени да истражуваат постари материјали како ренесансна поезија и црно-бели филмови кога ќе видат дека траги од истите уметнички техники има во спотови и песни што ги гледаат и слушаат денес.

11 јануари 2023 - 00:00