Жените се редовни жртви на медиумите и ставот дека „колку помлада - толку подобра“ уште не сме го искорениле докрај. Ова се однесува и на убавина и на кариера и на можности, а реалноста е дека токму кога имаш повеќе години си подобро опремена да си го средиш животот како што ти одговара.
Искуствата ја прават жената помудра, а времето кога било важно „што мислат другите“ е одамна поминато.
Менталната енергија што жените ја трошат замислувајќи како другите им судат може за струја да се користи, ете толку многу се троши. Според едно истражување, замислата дека некој ни суди ги активира истите центри во мозокот што се задолжени и за физичка болка, што пак објаснува зошто социјалната евалуација ни доаѓа како закана. Сепак, со зрелоста доаѓа и револуционерната можност да се смени правецот кон реални приоритети. Затоа што, иронијата е фрапантна: Повеќето луѓе се обземени со сопствените несигурности за да имаат време за детално мислење за тоа што го правиме. Тоа што нам ни живее во глава како „најголема брука во животот“, постои само накратко во животите на другите и никој не го памети онака како што го паметиме самите. И ова не е депресивен податок, напротив - многу простор се ослободува во животот кога ќе престанеме да го китиме со замислени мрчења од луѓето.
Со годините учиме дека можеме да владееме со просторот без да се извинуваме за тоа, можеме да отфрламе луѓе и односи што веќе не носат ништо добро, дури и да почувствуваме слобода во самото отфрлање.
За борба со невидливоста на жените во години веројатно треба да помине време. Дотогаш, може да се гледа како на супермоќ - можеби и затоа повеќе автентичност се гледа кај повозрасни жени отколку кај млади што често личат едни на други.
Она што можеби е најтешко за сфаќање е редефинирањето на сопствената личност, или „создавањето нови соништа на било која возраст“. Погрешно е и контрапродуктивно мислењето дека на 50 си тоа што си работела да станеш до тој момент и никако нема ни назад, напред. ТикТок е полн со жени на 40, 50 и 60 години кои со следачите споделуваат дека почнуваат од почеток, дека ќе се соочуваат со нови предизвици со задоволство, затоа што одлучиле да почнат нова кариера, нов живот, во нов град, со нови луѓе. Полека, но сигурно се шири идејата дека не може да има ништо добро во „готово, тоа е.“
Во крајна линија: Барем на повозрасни години не бркаш ни трендови, ни врски, ни луѓе, ни средства. И можеш конечно да престанеш да се бркаш и себеси.