Зависноста од онлајн шопинг како психичко нарушување

Има разлика од уживање да пазариш онлајн и да бидеш зависен од тоа. И според некои психотерапевти, зависноста од купување на интернет треба да се класифицира како нарушување на менталното здравје.

Терминот BSD - buying-shopping disorder (нарушување со купување/шопинг) постои долго време, но како што дигиталното време овозможува да купиш нешто со еден клик, експертите предупредуваат дека терминот добива ново значење, според еден извештај на Мејл Онлајн.

„Доаѓа време кога треба да го препознаеме BSD како посебно нарушување на менталното здравје и да собереме уште информации за онлајн-BSD,“ вели Др. Астрид Милер, германски психотерапевт од Медицинската школа во Хановер. Направена е и мала студија објавена во Comprehensive Psychiatry journal, каде што Милер ја истражува состојбата со анализирање на 122 пациенти кои побарале помош заради нивната зависност од онлајн купување. Резултатите покажале стапка на депресија и анксиозност повисока од обично кај зависниците.

Онлајн продавниците се достапни 24 часа поради самата природа на сајтовите и апликациите и дозволуваат купување во секое време од денот или ноќта, што експертите ги плаши затоа што се овозможува ширење на онлајн BSD.

Во моментов, BSD не важи за нарушување, туку е дел од поширока категорија со наслов „други  нарушувања на контрола на импулс“, позната по нејзините сериозни ефекти на менталното здравје.

Тоа изгледа вака - имаш екстремна потреба да купиш во моментот, што храни едно чувство на сатисфакција кога се трошат пари. Карактеристиките се опишани како „преокупираност со купување на непотребни предмети,“ и „потешкотија да се оддолее на купување непотребни предмети.“

Ризиците, како и со секоја зависност се големи: долгови, губење на самоконтрола, замена на приоритети како семејство и работа.

„Се надеваме дека тоа што нашите резултати покажуваат тенденција за зависност од онлајн шопинг кај пациенти што бараат помош со BSD, ќе охрабри нови истражувања и соодветни концепти за лекување,“ завршува Др. Милер.

20 мај 2020 - 13:26