Зара x Галијано е настан што треба да се учи во историја на мода

Што би рекол Бернард Гарби, моден консултант, предавач и советник: Да можеш да бидеш мува на ѕид кога се договарала соработката меѓу Зара и Галијано.

Зара и Џон Галијано објавија соработка што ќе трае две години и тоа е огромна работа, без разлика што имаше реакции дека „не е прв пат“ и дека „Лагерфелд одамна имаше ваква соработка со H&M“.

Да, ама Лагерфелд немаше скандал, кансел и антисемитски коментари заради кои што доби клоца од Диор.

Значи, имаме индустрија каде што партнерствата најчесто се внимателно калибрирани и предвидливи, но соработката меѓу Џон Галијано и Зара се издвојува како редок пример на договор во кој ризикот е подеднакво висок за двете страни. Заради ова, како што коментира Гарби и треба да се изучува во школи за бизнис и тоа не како класичен „win-win“, туку како сложена игра на репутација, перцепција и пазарна стратегија.

На едната страна ги имаме Зара - бренд изграден врз масовна достапност, брза мода и внимателно одржуван имиџ што треба да биде прифатлив за што поширока публика. На другата страна е Џон Галијано - дизајнер чиј талент ретко се оспорува, но чија кариера беше сериозно нарушена по антисемитските изјави во 2011 година, што доведе до негово отпуштање од Диор. И покрај јавните извинувања и долгогодишните обиди за рехабилитација на имиџот, има луѓе што никогаш нема да му простат, а тоа автоматски значи и дека ќе го бојкотираат секој бренд што ќе се поврзе со него.

За Зара, ризикот е јасен: врзување за контроверзна фигура може да го наруши внимателно градената масовна прифатеност. Живееме во време кога репутација се руши преку ноќ и секоја ваква одлука носи можност за негативен одзив што директно може да влијае врз продажбата.

И не ризикува само Зара - за Галијано, соработката со хај-стрит бренд носи сопствена цена. По ангажманот во Мезон Маржела, ваквиот чекор може лесно да се протолкува како симнување од елитната модна сцена. Критиките се предвидливи: дека повеќе нема место за него во луксузните куќи, дека преминува во комерцијална мода, дека ова е компромис, а не избор.

Сепак, токму во тој судир на перцепции лежи и потенцијалната вредност на договорот. За Зара, ова е можност за брз чекор кон повисоко позиционирање - да се приближи до светот на високата мода преку име со силен креативен кредибилитет. За Галијано, пак, ова е шанса за нешто поинакво: директен контакт со масовната публика и можност да покаже дека неговата работа може да постои надвор од рамките на елитата.

Клучниот тест, сепак, нема да биде во коментарите, туку во бројките. Јавното мислење, онлајн реакциите и медиумските анализи се важни, но не и пресудни. Ако колекцијата се распродаде за неколку часа, ако кампуваат пред продавница ако се создаде вистинска побарувачка и интерес кај потрошувачите, тогаш исходот ќе биде јасен - пазарот ја прифатил соработката.

Во таков случај, за Галијано тоа може да значи вистинско враќање на сцена.  За Зара, пак, тоа би било повеќе од успешна колекција - би значело долгорочно зајакнување на позицијата на брендот и потврда дека може да игра и на повисоко модно ниво.

Затоа е и толку интересно - оваа соработка е тест за тоа како се балансираат ризик и амбиција во современ бизнис контекст и дали тоа ќе биде критикувано или славено, игнорирано или распродадено.

Ние мислиме дека парче ќе направат и дека Галијано ќе се врати.

А знаете ли колку ќе биде шарено и јако ако Галијано се врати?

Еве, малку историја:

Како Џон Галијано успеа да ја пробие париската модна индустрија

Како се прави јавачката ташна на Диор?

Ајде да учиме за Џон Галијано

Кај Џон Галијано дома

23 март 2026 - 12:36