Закербергизам: Митот за „млад основач“ е стапица за младите

Една недамнешна студија го предизвикува конвенционалното размислување дека само млади можат да смислат нови, успешни бизниси.

Всушност, просечната возраст на основачите на 1-од-1000-најбрзо растечки нови компании е 45. Заклучокот е дека луѓето со годините акумулираат ресурси, вештини и искуство, што пак им ги зголемува шансите за успех во работата. И студијата покажува дека младите треба да ги мислат и долгорочно кога планираат нови бизнис идеи.

Насекаде ги има приказните за млади, хипер-успешни луѓе со бизнис, од Форбс 30-под-30, до филмови како „Социјална мрежа“. Низ нив се провлекува привлечната идеја за ран успех: сонувај големи соништа, труди се и за кратко и ти ќе станеш валкано богат како технолошки титан.

Многу поретко слушаме за млад човек што почнува нов бизнис, прави долг, му снемува среќа, се деморализира и се вработува на некое обично место. Проблемот не лежи во бирањето да создадеш свој бизнис, туку во возраста на која младите почнуваат со бизниси.

Истражувањето ја наоѓа средната возраст од 45 со примери од високо-технолошки сектори, бизнис-хабови и успешни фирми и без разлика што конвенционалното размислување ја слика младата генерација како полна со уникатно креативни иноватори, изгледа постарите генерации се тие што имаат карактеристики што водат до бизнис-успех.

Што е тогаш лекцијата за идните млади бизнисмени? Не да престанат да сонуваат големи соништа, туку да бидат мудри и да сонуваат постратешки - да ја прошират дефиницијата на основање бизнис со вклучување на поевтини, понеризични патеки како креирање можности во рамки на сегашната работа. На тој начин се акумулира повеќе искуство и вештини кои помагаат за во иднина.

Наодите за возраста и успехот едноставно покажуваат дека младите не треба да паѓаат во стапицата да се споредуваат себеси со ретките приказни за неверојатен успех - сите Закерберзи, Маскови и Гејтсови на светот.

„Треба да престанеме да ги лажеме младите за трговија и да ја кажеме вистината дека светот на бизнисот е тежок,“ вели Џефри А. Такер во неговата статија за Американскиот институт за економско истражување. „Работата е тешка. Штедењето е тешко. Служењето муштерии е тешко. За некои луѓе и само да се појават е тешко. Сè ова се учи. Забавата доаѓа откако ќе станеш мајстор.“

25 мај 2023 - 00:00