Во втора сезона, Емили оди (и) во Сен Тропе

Има трејлер, датум и сник-пик во тоа што ќе се случува.

Влијателен беше дискурсот за „Емили во Париз“ во 2020. Некои сметаа дека шоуто за млада жена од Чикаго што оди во француската престолнина да подели американска мудрост е забавна работа. Некои не можеа да го поднесат концептот. Како и да е, едно е сигурно: доминираше на Нетфликс, собра скоро 60 милиони гледачи во првите 28 дена, па и не е некое изненадување што е толку возбудлива појавата на трејлерот за новата сезона.

Емили (ја игра Лили Колинс) беше како шлакната во прва сезона од возбуда дека Е ВО ПАРИЗ!, шетајќи се најтуристички, без поим за реалноста околу себе и сѐ она што не е нејзина култура. Но, креаторот, Дарен Стар објасни и зошто било ова вака:

„Мене ми е ова еволуција на ликот. Мислам дека кога некој ќе стапне прв пат во Париз, го преплавува убавината на градот и она што го гледа,“ изјави за Варајети. „Мислам дека можеби, многу од гледачите кои долго живрат во Париз не разбираа дека ова е низ призмата на лик што прв пат го искусува градот. Таа така го гледаше, под импресии од убавините околу неа.“

Во втора сезона ќе се прибере:

„Кога стигна ѝ простуваа, но не мислам дека ќе ѝ биде така лесно во втората сезона. Ќе биде поасимилирана во однос на живеењето таму и прифаќањето на предизвиците за учење на јазикот.“

Заплетот, откако нѐ оставија на една раскрсница во нејзината кариера (отпуштена? којзнае) и односот со нејзината шефица Силви, љубовниците Габриел и Матју, чичко му дизајнерот Пјер (сѐ нејасно) - сето ова остава ширум отворени врати за нови можности.

„Имаше пресврт на крајот на првата сезона што таа не го предвиде и мислам дека последиците ќе се почувствуваат во новата сезона,“ вели Стар.

Трејлерот покажува дека ќе оди во Сен Тропе, се враќа речиси цела екипа од прва сезона, со развиени сопствени приказни, а тие што едвај чекаат да видат што е работата, ќе дочекаат на 22 декември.

27 септември 2021 - 18:26