Во шаренилото на Ком де Гарсон

Има ли смисла? Не, формата секако дека нема. Ама можеби е увид во трендот за бои за пролет/лето 2024.

Ако е Ком де Гарсон за слушање, тогаш до пролет, тешко на „тивок луксуз“ трендот што е почнат неколку месеци. Предвидуваат безобразни шаренила и објавуваат војна на формата.

„За да се ослободиме од мрачната сегашност, се надевам дека ќе претставам светла и лесна иднина,“ пишува во единствената речиница од изјавата на Реи Кавакубо за нејзиното шоу. 

Претстави 19 носливи скулптури кои никако не ја почитуваат линијата на телото, секоја со бои на виножито и слоеви и купови материјал. Некои личеа како да се конструирани од детски јоргани, некои со испечатени колажи од портрети од пред некој век, плус машни. И не знаеш на што да се веруваш, дека идат долги каубојски мантили, или максимализам што бара наочари за сонце за да следиш мода?

Речиси секоја комбинација имаше Барбикор призвук, качена уште погоре на скалата на максимализмот со врвки или кич-карнери. Патиките и чизмите на секој модел беа прекриени со декупаж од стикери и некакви предметчиња за деца, коцки гума и други сликички поради кои изгледаа како девојче да решило да дотерува кукла.

Ако е за верување, тогаш после неутралните, тивки комбинации на колекциите есен/зима, нè очекува шарена пролет, што значи, тешко на тие што ќе сакаат да купат нешто во една боја.

4 октомври 2023 - 10:33