Во 2025 почнува Генерацијата Бета

Може едвај сте запознаени со Генерација Алфа, ама ви носиме вести за ново непознато: Децата што тешко можеме да замислиме во што ќе пораснат или - Генерација Бета.

Во „Новите деца ќе имаат (и прават) нови проблеми“, пишувавме за насекирани наставници и медицински сестри што секој ден се соочени со Алфа и загрижувачките трендови што се појавуваат кај овие деца. Генерација Бета почнаа од 1-ви јануари.

Бета од старт почнуваат опкружени со вештачка интелигенција и технологија, многу повеќе од генерациите пред нив. Ќе наследат свет со огромни општествени промени - климатски промени, промени во глобалната популација и рапидна урбанизација, каде што одржливоста нема да биде само препорака туку и очекување.

А, само до скоро се правеа истражувања за природата на Генерацијата З (1996-2010) и се вадеа книги со наслови од типот „Како Ген З ќе ја смени иднината на бизнисот“, сега се отвори нова работа.

Експертите велат дека животот на овие деца ќе им почне многу поинаку од генерацијата пред нив. Родители им се младите миленијалци и старите зумери, се раѓаат во пост-пандемиски свет и многу од нив ќе го доживеат и 22-от век. Пандемијата ќе биде нешто „што го доживеале само нивните родители и постарите браќа и сестри“, а вештачката интелигенција и смарт-апаратите ќе им бидат составен дел од животот на начин кој го немаше кај Алфа. Климатските промени ќе имаат директно влијание на нивните животи, а политиките ќе им ги водат бумери и Генерација Икс, кои полека ќе ги заменат миленијалци и зумери.

Како и З и Алфа, ќе пораснат со социјални мрежи, иако не се знае во што тие ќе еволуираат во годините што следат. Сепак, има експерти што тврдат дека е можно родителите-зумери да сакаат да ги заштитат од хроничното онлајн - стереотип што сега ги дефинира Алфа.

Веќе станува предизвик да се категоризира генерација во 15-годишна временска рамка. Вредноста на оваа категоризација се гледа во идентификување на група на луѓе врз кои одреден момент во историјата извршил влијание - за миленијалците беше 9/11, за Генерација З беше пандемијата, но за Алфа и Бета е рано да се предвиди.

8 јануари 2025 - 00:00