Новите деца ќе имаат (и прават) нови проблеми

Прашуваат возрасни луѓе, меѓу кои често има и наставници што најмногу ги плаши кај следната генерација. На Редит богами изнакажаа работи што и нас треба да нè исплашат.

Некои се дамнешни грижи и не се ни повозрасните толку оперирани од проблемите. На пример:

„Наставник сум и загрижен сум за зависноста од мобилни телефони. На час: главите спуштени и гледаат во телефон. На автобуска станица: главата спуштена. Поминува улица, вози точак, шета: главата спуштена.“

Од неочекуваните:

„Не знаат да користат компјутер. Можат да сурфаат, но не и да прават нешто корисно. Многу од моите ученици се бетер од моите родители за прости работи како атачирање документ на мејл.“

„Многу им е тесен опсегот на внимание. Не можат да издржат книга да прочитаат.“

Од наставници, на медицински сестри:

„Јас сум медицинска сестра во средно школо и гледам дека немаат трпение. Очекуваат работите инстантно да се решаваат. Не разбираат дека нема инстант-лек за сè. Мислат дека сум будала кога сакам да држат мраз на повреда десет минути.“

Општиот впечаток е дека не можат да се фокусираат, гледаат содржини што им го скапуваат мозокот, а меме-културата и кратките формати им создаваат внимание како на златна рипка.

Уште еден наставник:

„Предавам на мали деца, значи Генерација Алфа. Многу од нив не можат да издржат предизвик без да се распаднат. И не плачат затоа што не можат да си ја најдат тетратката, и денот им бил тежок, па ова е последната капка, туку не можам да си ја најдам тетратката и никој не доаѓа да ме спаси, иако ако ѕирнам под клупа ќе ја најдам.“

„Голем дел од тоа е лошото воспитување, не е само Ајпад и ТикТок. Родителите се вмешуваат пред детето да успее да се предизвика за нешто и го поправаат за да не се мачи. Очекуваат од мене да им преџвакувам информации и одбиваат да направат било што што ќе бара повеќе од минута размислување. Родителите бараат изговори за однесувањето на децата и не ги дисциплинираат. Не верувам дека децава ќе можат да функционираат во било каква кариера што очекува од нив да бидат што било друго освен токму тоа што тие сакаат да бидат.“

Ништо не знаат. Не читаат книги. Имаат ограничен речник. Ретко има такви што размислуваат критички. Пораснати се со консумирање содржина, наместо со анализирање и размислување околу содржината.

„Не само што не разбираат финансии, не се ни стремат кон ништо. Немаат интерес да развијат работни вештини што ќе им помогнат во иднина. Оваа генерација ќе биде шокирана кога ќе сфати колку напорно работеле родителите и колку чини да се живее во нивните градови.“

Не знаат да пишуваат.

Не знаат да користат интерпункција.

Еден возрасен човек го кажува тоа што на сите барем еднаш ни текнало:

„Како сè ставаат на социјални мрежи. Јас сум бумер и сум многу благодарен што моето однесување кога бев млад не е никаде забележано. Веројатно не би го имал овој живот, ако моето минато го имаше на интернет. Бев идиот и сите млади луѓе треба да ја имаат таа опција. Страдав поради глупостите што ги правев, но откако се оттргнав од одредени луѓе и места, тоа страдање се префрли исклучиво во мојата глава; никој не знаеше каков идиот сум бил (а верувајте ми, нонстоп измислував нови и возбудливи грешки за правење). Но, ми беше дозволено да почнам одново. Денешните деца го немаат тој луксуз и тоа е штета и е општествен проблем.“

Кај новите генерации има една ароганција и константна употреба на нови, модерни зборови што ги чуле на Јутјуб-терапија. На пример - сите се „трауматизирани“ после час математика. Не знаат да извлечат заклучоци после читање - мисловна именка е да раскажат лектира или да опишат ликови.

„Јас сум миленијалец,“ вели еден корисник. „Мислам дека ќе видиме еден дел млади луѓе како се придвижуваат кон традиција, бидејќи ќе им бидат потребни поедноставни времиња што не ги живееле. Се плашам дека ќе донесат и некои, стари, лоши духови со тоа.“

„Од една страна, мислам дека младите се поотворени да зборуваат за менталното здравје. Ова е добро, секако подобро од нашето закопување на чувствата. Од друга страна, многу се почувствителни. Извини, ама распродадени карти за филм, или да ти се изгуби багажот не е вистинска траума за менталното здравје. Не, келнерот не ти приредува микроагресии, само се брза, затоа што ресторанот е преполн.“

„Машките деца не растат. Сите живеат со мајките, или бабите. Немаат амбиција, имаат малку хобија и немаат вештини. Не ги интересира ништо, ни факултет, ни работа, ни девојка. А сепак се премногу самоуверени и мизогини.“

И на крај:

„Младата генерација не се дружи во живо. Цели врски и дружења имаат на телефон, на конзоли за игри и такви работи. Не се собираат да шетаат баш често. Чудно е.“

Тешко нас, или тешко нив?

11 декември 2024 - 00:00