Тажната приказна на последната кинеска царица

Кинеската императорка Ванронг е позната како сопруга на последниот кинески император, Пу Ји. Времето како царица го поминала во мачење и трагедија и воопшто не доживеала среќен крај.

Родена е на 13 ноември, 1906 во Пекинг, во семејство кое се сметало совршено за посватување со царот. Татко ѝ бил министер во царскиот двор, а и мајка ѝ била од висок и познат клан. Починала кога Ванронг имала само две години од нешто што тогаш го викале „породувачка треска“, а всушност било постнатална депресија. Остатокот од детството ја воспитува маќеа. Имала среќа што татко ѝ верувал во важноста на образованието, па инсистирал и таа да добие престижно образование како нејзините браќа. Учела во американско школо во Тианжин. Таму научила англиски и пијано и ја сметале за голема убавица, што всушност ја направило и прикладна да му се понуди на царот.

Во 1922, императорот Пу Ји кој во тоа време има само 16 години, почнува да бара невеста. Во тој момент е симнат од престолот, но сè уште има титула, богатство и престиж. Таткото и маќеата на Ванронг сакаат Пу Ји да ја избере за невеста, па името ѝ го додаваат на список на потенцијални невести. Од тој список, Пу Ји всушност бира друга - Венксиу, но советниците не се воодушевени, па му ја бутаат Ванронг.

Пу Ји е разгален и неспособен од раѓање. Расте со мрачна страна која наскоро на Ванронг ќе ѝ стане невозможна за игнорирање. Бил суров и редовно ги тепал евнусите што му служеле. И советниците се обидувале да го одучат, но безуспешно.

И не само што ќе се ожени за Ванронг, ќе си го истера и првобитниот ќеиф - истиот ден се жени и за Венксиу, која има кутри 12 години во тој момент.

Откако поминале сите (три!) церемонии за венчавање и дошла на ред првата брачна ноќ, не поминала како што се очекувало. Влегол Пу Ји во брачните одаи и кога ги видел двете млади невести, се извадил од памет и избегал, без да го конзумира бракот. Тогаш се појавиле и гласини за неговата можна хомосексуалност, како и желбата за млади девојчиња и момчиња.

Не само што бил терор во спална, туку и преку ден бил неподнослив - нонстоп ги гњавел сопругите со практични шеги, им влегувал на приватни состаноци и нонстоп ги зивкал и им се жалел.

Едвај тинејџерка на денот на венчавката, Ванронг е принудена да живее во непознат град и да се справува со сопруг што е суров и захтевен, плус да го дели со многу помладата Венксиу. Во тоа време не било невообичаено да се пуши опиум, па Ванронг почнува и станува зависна. Пу Ји бил презадоволен - новата навика на жена му ја правела многу полесна за справување.

Во 1924, се случува уште еден државен удар и царот и неговите сопруги се принудени да ја напуштат палатата - им дале само три часа да си одат. Се селат во Тианжин и некое време им е фино - јаваат коњи, танцуваат и забавуваат гости. Пред да се преселат, двете сопруги на царот се дружеле, но откако морале да го напуштат градот, почнале тензии. Се бореле за вниманието на Пу Ји, се свртеле една против друга и нонстоп барале да им носи подароци и да им посветува време.

Има гласини дека Ванронг и Пу Ји никогаш всушност не го конзумирале бракот после катастрофалната прва брачна ноќ и ова се наведува како причина зошто Ванронг не му дала наследник. Друга причина е дека редовната употреба на опиум ја направила Ванронг неплодна. Дури и Венксиу се смета дека ѝ рекла „Зошто земаш опиум, што не се прободеш во стомак?“

Физичкото здравје на Ванронг почнало да страда - имала нередовни циклуси и неколку хронични болести. Еден од роднините на нејзиниот сопруг открил и дека не само што страда од физички болести, туку и од ментални и дека ѝ се наследени генетски - ја наоѓале и како лута гола по дома.

Иако Ванронг и Венксиу си биле ривалки, сепак си биле единствени другарки. Затоа и дополнително ќе ја оштети Ванронг кога Венксиу во 1930 ќе поднесе барање за развод. Ванронг останува да ужива во луксузот што сè уште ѝ е достапен, но сега има додатна одговорност да се грижи за сопруг што кука дека е напуштен. И двајцата разводот ќе го нарекуваат „Предавството“.

Неочекувано, Ванронг повторно доаѓа до својата титула - во 1932, Пу Ји почнува да се занимава со проблематични одлуки - Јапонија му ја нуди позицијата на владетел на Манчукуо, и ја прифаќа, без разлика што жена му пробува да го разубеди. На крај му се придружува во Јапонија, каде што ја пречекуваат луѓе што не сакаат никако да го види Пу Ји. Дури и се сомнева дека го убиле и затоа се прават дека не ѝ дозволуваат да го види.

Јапонците не ја сакале, а и Пу Ји ја избегнувал. Не ја поканиле ни на нејзиното крунисување - верувале дека е предавник и дека на крај само ќе го понижи Пу Ји.

Животот сè повеќе ѝ станувал кошмар. Сопругот ја игнорирал, била осамена, презрена од луѓето и неколку пати се обидела да избега. Често ги молела официјалните гости на државата да и помогнат да замине и можеби доколку би ѝ успеало, не би западнала во толку тешка зависност од опиум. Почнала да има афери, а двајца од мажите со кои се среќавале биле лични помошници на Пу Ји. Кога дознал, и двајцата ги протерал од домот, и веќе почнал да размислува за развод.

Но, Ванронг забременува, што секако става крај на гласините дека е неплодна. Проблемот бил што со сигурност се знаело дека Пу Ји не е таткото, бидејќи бракот си останал платонски. Бременоста била резултат на една од аферите, но бидејќи љубовникот бил протеран, Ванронг му дала ултиматум на Пу Ји: или ќе го прифати детето како свое, или ќе му дозволи да живее подалеку од империјалниот систем и палатата. Раѓа ќерка и тука Пу Ји се надминува себеси во суровоста: наредува да ѝ се одземе и веднаш да се убие. 

Во една верзија, Пу Ји ја лаже дека бебето е во болница каде што за него се грижи медицинска сестра. Она што сигурно се случило е дека Пу Ји ѝ кажал точно што се случило и тоа било крахот што ја фрлил Ванронг во тешка опиумска зависност. До крајот на животот била во ментална магла од дрога. Пушела две кутии цигари дневно, сите појачани со дебели количини опиум. Забите и поцрнеле и главно немала поима каде се наоѓа. Престанала да се мие и да се бања, да сече нокти, да се облекува прикладно. Почнала претерано да јаде, а притоа ништо не паметела. И покрај прејадувањата, сè повеќе слабеела, ѝ слабеел видот и се мачела да оди. Трчала надвор по пижами, принудувала слуги да јадат храна размачкана со нејзината менструална крв и редовно ги праќала да купуваат тикети за лотарија.

Ова на Пу Ји ништо не му значело. Веќе правел планови за развод и ќе го истерал и тоа да не нападнеле Русите во 1945. Бил принуден да го напушти тронот и планирал да избега со авион од Манчукао. На 16 август, 1945, сфаќајќи дека во авионот нема место за никого освен за него и неговите советници, Пу Ји ја остава Ванронг во сега веќе заробениот град.

Ванронг уште еднаш пробала да се спаси - заедно со група жени се обиделе да избегаат во Кореја и не успеале. Ги заробила кинеската комунистичка герила и ги фрлиле во затвор. Некои од жените по некое време ги пуштиле кај семејствата. Една од нив ѝ понудила на Ванронг да дојде со неа бидејќи немала каде да оди, но нејзината мајка одбила да ѝ помогне на царицата, па таа останала кај војската.

Опиум ѝ оставиле многу малку, па за кратко почнала да поминува низ ужасни симптоми на апстиненција. Се валкала по под и врескала во ќелијата, а да биде полошо, сите знаеле која е нејзината ќелија и доаѓале да фаќаат сеир.

Во еден момент почнала да халуцинира и да бара од стражарите да ѝ спремат бања, храна, облека и уште опиум. Добила само кикотење од минувачите.

Луѓето го мразеле Пу Ји, но не стигнале до него, па решиле да ѝ се одмаздат на Ванронг. Стражарите ја игнорирале. Еден дури и рекол дека нема што да трошат храна на неа.

На 20 јуни, 1946, Ванронг умира на само 39 години, веројатно од неухранетост.

Телото никогаш не ѝ го пронашле, што веројатно значи дека кога умрела, го фрлиле на ридовите блиску до затворот. Нејзиниот брат во 2006 прави погребален ритуал, закопувајќи фотографија од неа, за конечно да може да почива во мир.

30 март 2023 - 13:40