Рецептот се усовршувал илјадници години и ако ја следиме заборавената трага, неговата тајна историја може да нѐ однесе до антички гробници и цели подземни заедници кои го поплочиле патот до слободата на изразување.
Приказната почнува пред 5000 години, кај една сумерска кралица во градот Ур, денешен Ирак. Поголемиот дел од наративот на кралицата Пуаби е загубен во наборите на времето, но нејзината оставштина е поврзана со првата употреба на руменило за усни во историјата. Била длабоко почитувана фигура во една од најстарите цивилизации во Месопотамија, носела комплицирани украси за глава и накит, но клучен дел од нејзиниот изглед се светло обоените усни, кои ги боела со смеса во прав, направена од црвени камења и бело олово. Трендот се раширил низ народите на соседните цивилизации, кои пак користеле виолетово-црвен пигмент, добиен од жлезда од мурекс школка.
Ако скокнеме напред 2000 години, ја имаме Клеопатра како пионер на шминка меѓу старите Египќани, и мажи и жени. Силна црна шминка на очи, одела во комбинација со храбро исцртани усни во нијанси на портокалово, магента и црно-сино. Старата египетска авангарда ја користела истата боја и како руменило за образи, не само од естетски причини, туку и за да го заштитат лицето од суровите пустински услови. Во гробниците оделе со садови полни шминка, боја и козметики, а илјадници години подоцна, гробниците се откопуваат и археолозите, меѓу другото, начекуваат и боја за усни до посмртните останки.
Во старо време, токму на Блискиот исток имале полиберални сфаќања за карминот, како што се гледа на ѕидни слики кои покажуваат жени со светло обоени усни. Старите Грци имале покомплицирана врска со бојата за уста, сепак, и таму почнале да го поврзуваат со социјалниот статус. Главно кармин носеле сексуалните работнички, па станал симбол за професијата и ознака за нивниот статус, до степен да, доколку некоја од овие дами се појавела во јавност во погрешно време од денот, или без боја на усните, ги карале и ги казнувале што позираат како „пристојни дами“. Импровизирале рецепти со пот од овци, човечка плунка, дури и измет од крокодили.
Во Римската империја, бојата за усни повторно се обесполува, но сепак се користи за означување на социјален ранг, главно меѓу високо-рангирани машки официјални лица. Жените од високите ешалони исто експериментирале со боја за усни - ексцентричната императорка Попеја Сабина, сопруга на Нерон се вели дека имала глам-екипа од 100 слугинки, спремни да се осигураат дека усните ѝ се свежо обоени во секое време. Бобинки, лимон, ружини ливчиња и она што останувало на дното од шишињата со вино се меѓу популарните состојки за правење кармин. Во меѓувреме, назад на Блискиот исток, арапски научник, Абулказис случајно измислува цврст кармин додека прави залихи на парфем што можат да се стават во калапи. Истото го пробува со бои и така доаѓа до зачетокот на она што го имаме денес.
Како наближува Мрачниот век и фрла сенка на западна Европа, доаѓа религијата и почнува да се бори со козметиката - затоа што религијата секогаш мудро ги бира своите „страшни“ противници. Мажите се бојат во сино пред битка, но жените што носат кармин се сметаат за инкарнации на самиот Сатана (!), па им се прави притисок да се покајат пред свештеници за нивното „грешничко“ користење на црвен кармин.
Се враќа со отпор, за време на Крстоносните војни, кога враќаат од мистериозните смеси од кај Арапите, а бунтовни жени што не сакаат да ја слушаат црквата почнуваат да го ставаат за тенот да им изгледа побел.
Во Венеција, каде што општеството било далеку понапредно од назадните начини и сиромаштијата во средновековна Европа, дамите од високото друштво носеле светло-розови бои на усни, а средната класа - црвена.
Полека, карминот се враќа назад на врвот на социјалната скала, па го пробуваат и кралеви и кралски дворови. Елизабета I, позната по својата посветеност на карминот, имала сопствен рецепт за нејзина лична нијанса и наводно го измислила моливот за уста заедно со една блиска помошничка со мешање бои во гипс, формирање на пастата во молив и сушење на сонце. Толку верувала во карминот, што сметала дека може да одбие болест.
Наскоро доаѓаат Викторијанците, да затемнат малку. Во годините на жалост, кралицата Викторија забранила кармин во целата империја, затоа што „шминката е неискрена и некултурна“. Повторно бунтовните жени тајно разменуваат рецепти и по дома прават кармини во подземни кармин-заедници, па во тајност ги криумчареле до дома.
Во секојдневниот живот, карминот ни го носат актерките на почетокот на 20-ти век, кои професионалната шминка од сцена ја носат на улица. Актерката Сара Бернард предизвикала огромен скандал во 1880-тите, кога ставила црвен кармин во јавност. Од таму, природно, црвениот кармин станува симбол на женската моќ и бунтот на жените што допрва следувал.
За време на светските војни, производството на кармин во Европа било запрено заради рестрикции, но за Американците, карминот станува задолжителен, како средство за расположување на масите.
Во ’70-ти, карминот повторно станува алатка за бунт против општеството, го прифаќаат и двата пола во панк-рокот и со него изразуваат неконформизам. Виолетовата и црната стануваат најпопуларни бои, и одново отвораат врати за изместување на границите на полот, без да се жртвува мажественоста. И Боуви и Лу Рид се фанови, а Кис, Алис Купер и Мик Џегер исто се качуваат на возот.
Денес, козметичкото божество уште еднаш станува симболичен инструмент за промена, како што влегуваме во нова ера на женска еманципација и родова флуидност. Има и нова кампања на Гучи креирана од Алесандро Микеле што праќа силна и многу потребна порака: време е да излеземе од сликата што општеството ја наметнува за совршенство и време е да си ги засакаме несовршеностите, ваква е:
Ние би завршиле со оваа: