Пред досадните псевдоинтелектуалци, имало „Макарони”

Во последната четвртина на 18-ти век, инаку ера на екстравагантна мода, стилот на „макароните” предизвикал многу муабет, во многу различни сфери. Ова се млади мажи, со префинет вкус, познати по женствените афинитети за мода - со претерување, со почнување нови трендови и со посветување неверојатно внимание на надворешниот изглед. На внатрешниот… па, ќе видиме.

Во првата половина од векот, ги викале beaux (бо), а пример за нив има во романот Родерик Рандом на Смолет од 1748, каде што извесен Капетан Вифл:

Под сенка на огромен чадор… облечен вака; бела шапка украсена со црвен пердув на главата, од каде што му паѓаше косата на рамената во локни, врзани назад со лента. Палтото, направено од розева свила, порабена со бело, со елегантен крој, откриваше бело, сатенско елече, извезено со златно, откопчано во горниот дел, да открие брош со украси кои светкаа на градите од кошулата, која беше од најфин материјал…

И така натаму - скроз е јасно за што поточно се работи.

Овој опис го носи Капетан Вифл директно во речник, како синоним за оваа мода - некоја година подоцна, Били Вифл едноставно значи - макарони. Облеката, како што ја опишува Смолет, му била луксузна и екстравагантна; богатите, светли материјали и накитот (и тоа во период кога облеката на мажите почнува да се движи кон потемни бои и волна), грижата за тенот и замената на традиционалната перика со локни - сето ова придонесува кон неверојатната појава.

Самиот збор „макарони” не се појавува до 1760-ти. Во 1764-та, Хорас Волпол објаснува дека макароните се клуб, „составен од нашетани млади мажи, што носат долги локни и двоглед.” Вакви биле поради богатството што знаеле да го донесат од Индија, според него. Потеклото на терминот е комплетно објаснето во март 1772-ра во Town and Country Magazine:

Италијаните многу сакаат едно јадење што го викаат Макарони, направено од еден вид паста; и бидејќи го сметаат за врв на добрата храна, сè што ќе им се види елегантно и несекојдневно го викаат Макарони.

(Ова личи на толку амерички заклучок, што, да не грешиме душа, ама Италијанец да го прочита, веројатно ќе се онесвести, но добро.)

Нашите млади патувачи, кои често примаат од модата во земјите што ги посетуваат, процениле дека Макарони-плимата е многу применлива за еден паметен младич; па создаваат еден клуб под оваа деноминација, чии членови треба да бидат стандард за вкус, уметност и општествени науки; и модата, меѓу другите аспекти на вкусот им станува интересна. Но, наскоро ќе докажат дека во ништо не се издвојуваат освен во надворешниот изглед.

Всушност, некои од првите основачи на Макарони клубот охрабрувале уметност и нуделе медали и награди за сликање, скулптура, музика и поезија; но и за ова им поминал меракот. Модата им станала главен фокус.

Низ 18-ти век, снобовството кое било составен дел од модата налагало материјалите и стиловите на облеката да добиваат најмногу воодушевување ако доаѓаат „од странство”, особено од Франција и Италија. Светлите бои, свилата и претераната употреба на чипка биле составен дел од начинот на кои макароните се облекувале, а биле или увозни, или имитација. До 1760-ти, периките се правеле многу високи, и се истакнувале со тоа што се ставало минијатурно, глупо капче горе.

Вилијам Хики во 1769-та ја забележува комплетната трансформација на еден пријател, откако се вратил од Франција:

Наместо обичниот, кафен костум во кој го испративме, со ненапудрена коса и без ниедна локна, сега гледавме во една нападно напудрена и намачкана глава со по шест локни од секоја страна, со едно тацниче од капа… Палтото му беше од дебела свила, боите небесно-сина, порабена со црвен сатен, елекот и панталоните исто така од црвен сатен…

Ако се истрчате да кажете дека макароните останале во минатото, многу ќе згрешите. Напудрени перики и сатени нема, но, псевдоинтелектуалата се провлекува до ден денес.

Видете дали ќе ви биде „нешто познат” описот на Universal Magazine:

Макарони ќе препознаете кога ќе се доближите и ќе го почувствувате миризливите води што ги има на себе; а ако чувството за мирис не ви е толку изострено, тогаш ќе го откриете по тоа што сè на него е премногу екстравагантно. Шапката, како и способноста за разбирање му е многу мала… Главно има доста коса, а кога нема… Ја позајмува од соседите. Палтото му виси позади и му го покрива задникот. Панталоните му се големи и широки… Но, манирите му се многу почудни од облеката. Тој е заколнат непријател на учењето… а сепак, ова суштество некако влијае на некои уметности. Оди на аукции каде што ќе научи имиња на сликари, па ги повраќа кај стигне. Ако го видиш во театар, не се одвојува од двогледот.

Познато?

Нема спас од псевдоинтелектуалци.

Инаку, ако ви е познато ова од некаде, може е од овде (и се извинуваме што може да ви се насади во глава за цел ден):

13 август 2019 - 11:42