Во Мајами, едно семејство ја води Scratcher Girls, првата фирма што нуди професионални услуги за чешкање во САД. Идејата потекнува од мајката, која пред дваесетина години ги терала ќерките да ѝ го чешаат грбот пред спиење. Во 2010 година, традицијата прераснала во семеен бизнис, а денес, три члена на семејството работат во сопствен спа-центар и патуваат низ земјата за да им пружат „терапевтско чешање“ на клиенти од дома и од странство.
„Луѓето сè повеќе имаат потреба од човечки допир,“ вели основачката Пашун Џорџ. Иако популарноста нагло пораснала благодарение на ТикТок (имаат и видео со повеќе од 15 милиони прегледи) патот до успехот не бил лесен.
Во почетокот, многумина гледале на услугата со скепса или ја поврзувале со сексуални конотации. Сестрите решиле да го сменат наративот и преку Јутјуб канал го поставиле фокусот на touch therapy - терапија со допир. Со конзистентни објави и без платено рекламирање, стекнале над 100 илјади следбеници.
Денес, клиентите патуваат од Русија, Филипини и Германија за 60-минутна сесија која чини околу 130 долари. Процедурата наликува на масажа, со пријатна музика и удобен кревет, но наместо силен притисок, клиентот добива мек, постојан допир. Сесијата вклучува и раце, врат, нозе и зглобови, без прекин од почеток до крај.
Популарноста на професионалното чешање не е ограничена само на Scratcher Girls. Во САД, бројни спа-центри вклучуваат слични услуги, често инспирирани од ASMR видеа кои се „тригери“ за благо треперење и чувство на смиреност преку звук или допир.
Во ZenHeads Spa во Ноксвил, клиентите плаќаат и по 250 долари за АСМР масажа со постојано допирање на грбот и игра со коса, користејќи чешли, дрвени стапчиња и пердуви. Поради големата побарувачка, термини се распродаваат веднаш по објавувањето.
Во Њујорк, WhisperWave Spa нуди исклучиво АСМР третмани - од тивки шепотења до нежни движења по кожата. Според основачката, кога отвориле во 2024 година, луѓето биле срамежливи дури и не сакале да признаат дека сакаат таков вид допир. За помалку од година, ставот се променил - клиентите сега отворено си бараат.
Покрај релаксацијата, експертите посочуваат и физиолошки придобивки од „нежно допирање“. Дерматолозите објаснуваат дека соодветно изведено чешање може да ја поттикне циркулацијата, да го зголеми лачењето на ендорфини и допамин и да го активира делот од мозокот поврзан со чувство на сигурност.
Психолозите додаваат дека ваквиот допир често потсетува на безбедност во детството - моментот кога детето проверува дали родителот е присутен пред да направи следен чекор. Кај возрасните, ваквата терапија е начин да се „пополнат“ празнините од недостаток на интимен, негувачки допир во секојдневието.
За некои, цената - често над 150 долари по сесија - е мала жртва за чувството на смиреност. Клиентите велат дека е поефикасно од масажа, бидејќи целта не е третман на мускулна болка, туку чиста, непрекината релаксација.
Цитат од редовна клиентка:
„Кога некој ти го чеша грбот или ти ја игра косата, никогаш не сакаш да престане. Ако треба да платам за тоа, ќе платам - затоа што вреди.“