E.l.f. Cosmetics одамна има репутација за реклами што не оставаат никого рамнодушен - од кампањата „So Many Dicks“ против нерамноправноста во управните одбори, до Супер боул спотот со Џенифер Кулиџ и испраќањето на астронаутка во вселената со нивни производи. Последната акција, E.l.f.ino & Schmarnes, беше пародија на познатите реклами на адвокатската фирма Cellino & Barnes, со драг кралицата Хајди Ен Клозет и комичарот Мет Рајф во улога на адвокати што „бранат“ потрошувачи од скапа козметика. По успехот на претходниот комичен проект „Sunhinged“, брендот повторно се потпре на хуморот како главно оружје, а Рајф беше избран затоа што 80% од неговата ТикТок публика се жени, а 75% се под 34 години - совршено совпаѓање со нивната целна група.
Она што не го предвидоа беше реакцијата. Веднаш по објавувањето, дел од публиката го насочи вниманието кон шегите за семејно насилство што Рајф ги кажа на Нетфликс во 2024 година. Прашуваа зошто бренд што јавно поддржува жени би соработувал со некој што се шегува на таква тема. Маркетинг директорката Кори Маркисото призна дека биле изненадени и дека постои голем јаз меѓу нивната намера и тоа како кампањата е примена.
Во јавната изјава беше наведено дека целта била хумористично да се покаже неправдата во светот на убавината, но ефектот бил промашен кај дел од заедницата. Во живо, сликата била поинаква - на настанот во Њујорк дошле над 1.100 луѓе, добивајќи производи вредни 96.000 долари. Маркетинг експертите потсетуваат дека социјалните мрежи се магнет за негодување, но тоа не мора да значи дека купувачите навистина ќе се откажат од брендот.
Е.л.ф. не планира да го менува својот пристап. Според Маркисото, публиката сè уште го сака хуморот и провокацијата, иако експертите предупредуваат дека секогаш треба да се тестира реакцијата на основната публика. На крај, се (полу)извинија. Ама рекламата не ја тргнаа.
И уште се ројат реакции.