Во едната реклама, сенките и залижаната фризура направиле моделот да изгледа „изнемоштено“, додека позата и длабокото деколте на друга фотографија ги истакнале „издадените“ клучни коски на моделот. Според АСА, ваквите слики се неодговорни и не треба повторно да се појавуваат во ваква форма. Зара се предупредени дека во иднина мора да бидат сигурни дека сите фотографии ќе им бидат подготвени на „одговрен начин.“
Компанијата ги повлекла спорните фотографии и изјавила дека двете манекенки имале медицински уверенија дека се во добра здравствена состојба во моментот на фотографирањето. Рекламите инаку се појавиле на сајтот на Зара како дел од галерија што прикажувала облека со и без модели.
Првата реклама била за краток фустан, каде сенките на фотографијата ги направиле нозете на моделот да изгледаат „видливо слаби“. АСА забележале и дека позицијата на рацете и лактите ја нарушува пропорционалноста на телото.
Втората реклама промовирала кошула, при што позата на моделот ги направила клучните коски доминантен визуелен елемент во кадарот.
Разгледувале уште две реклами на Зара, но не ги забраниле.
Од Зара изјавиле дека фотографиите не биле значително обработувани, освен за „мали прилагодувања на осветлување и боја“, а посочиле и дека следат препораки од извештајот Fashioning a Healthy Future (2007), според кој моделите мора да приложат медицинско уверение за добро здравје од лекари со искуство во препознавање нарушувања во исхраната.
Оваа одлука следи по слични случаи со други брендови. Во јули забранија реклама на Маркс и Спенсер поради модел кој изгледал „нездраво слаб“, поточно дека позата, изборот на облека и обувките со остар врв дополнително ја нагласиле слабоста на нозете.
Се повлекуваа и реклами на Некст, откако беше оценето дека аглите на камерата премногу ја нагласуваат тенкоста на моделите. Компанијата Некст се спротивставила на одлуката, тврдејќи дека моделот имал „здраво и тонирано тело“.