Манекенки се сеќаваат на Азедин Алаја

„Приказната на Азедин е како бајка,” раскажува Фарида Келфа, пријателка и муза на дизајнерот за Вог. „Дошол од Тунис, стигнал во Париз за време на Алжирската војна. Било тешко време за луѓето од овој дел на светот и морал да се бори за неговата љубов за работата.”

Алаја почина минатиот ноември, оставајќи зад себе неверојатни дела, кои во моментов се слават на изложба во Лондон.

Кога се гледа во неговите колекции, еднакво се видливи и облеката и манекенките, а неговите креации ја слават и женската фигура и жената која ги носи истовремено. Неговата работа воопшто не беше апстрактна, напротив, Алаја имал уникатна врска со неговите музи, од кои некои го викале и Папа.

Неговите вработени беа вредно и тесно врзано семејство, на повеќе начини. „Имавме пет ревии дневно, три пати неделно, секоја сезона во неговото мало студио долги години,” се сеќава Гејл Елиот. „Азедин немаше буџет да нè плати, па работевме за облеката. Го сакавме и ги сакавме неговите креации, па затоа секогаш беше задоволство. Откажувавме и платени ангажмани за да се појавиме кај него.”

„Прошетај. Застани. Оди си. Врати се подоцна по торба полна алшта,” вели Кара Јанг за рутината на манекенките. Вероника Веб има донирано доста од облеката во музеи, но Келфа сè уште си носи парчиња од ’80-тите, а Елиот нејзините ги чува во просторија со контролирана температура. На жените кои имаат работено со Алаја, овие неверојатно изработени парчиња кои совршено им прилегаат, веднаш им враќаат спомени. „Беше една прекрасна, љубезна, скромна и дарежлива личност… но мислам дека на сите ни е тоа јасно,” забележува Ванеса Дуве. Беверли Пил го опишува како „плишано мече што се движи.” За Келфа, Алаја е пријател и уметник. „Облеката му беше опсесија и работеше и работеше - по цел ден, цело време. Ние седевме околу него, а тој зборуваше со сите, но цело време работеше. Тоа многу ќе ни недостасува - мене ќе ми недостасува.”

На ниеден друг дизајнер не се сеќаваат на овој начин:

Наоми Кембел:

„Кога ќе се навратам на тие фотографии, ми доаѓаат солзи на очи. Какви убави времиња. Сите долетувавме за неговите ревии затоа што сите сакавме. Сакавме да работиме за гениј и да бидеме дел од неговите уникатни кроеви и дезени.”

Фарида Келфа:

„Го запознав Азедин во рани ’80-ти. Го обожаваше Баленсијага; за него, Баленсијага беше мајстор. Работеше други ствари пред да почне да се фокусира на плетки и кожа и такви работи. Беше многу интересно да се запознае во тој период и кога се сретнавме совршено се вклопивме. Тој беше од Тунис, моите родители беа од Алжир и веднаш се поврзавме. Веројатно бевме единствените Арапи во модната индустрија во Париз.”

Линда Еванџелиста:

„Азедин ме научи да зборувам француски затоа што беше единствен во модниот свет што не зборуваше англиски! Ме третираше како фамилија: заедно одевме на фудбалски натпревари и јас му носев домашен лут сос.”

Хелена Кристенсен:

„Се сеќавам дека ми беше како да одам кај роднини кога одев да ми земе мерки или кога му одев на вечера. Мојот прв минијатурен стан во Париз беше во комшии кај Азедин и секогаш му се појавував да си поседиме и да поразговараме. Секогаш имаше пријатна атмосфера во неговото ателје каде што и живееше. Нешто мароканско секогаш се крчкаше во кујната и неговите мали кучиња секогаш беа растрчани и чекаа галење.”

Вероника Веб:

„Андре Леон Тали и мојот агент Бетан Хардисон ме запознаа со Азедин. Беше љубов на прв поглед - тој ме зезаше дека сум дебела, а јас него за висината. И после ме стави на штикли и ме испрати на писта. Во неговата облека се чувствував многу опасно. Скроз сигурна во моето тело и облечена за да правам што сакам во животот.”

Ема Викланд:

„За мене, Алаја секогаш ќе биде мајстор за фигура и женственост. Неговата љубов и почит кон женското тело и неговата форма е поинаква од на другите дизајнери. Во тоа време, а и денес, многу дизајнери преферираа фигура без облини. Наспроти тоа, Алаја ни градеше облини, со специјални градници, дури ни додаваше и задник.”

Гејл Елиот:

„Имам толку прекрасни спомени од Азедин. Сите манекенки што работеа со него во доцните ’80-ти и ’90-ти имаат. Имаше најсмешна смисла за хумор, сакаше практични шеги, беше многу дарежлив. Сите бевме многу млади и тој се грижеше за нас, нè водеше, ни влијаеше и многу нè научи. Имаше огромна кујна и трпезарија во студиото, и неговиот готвач спремаше храна за буквално 60 луѓе за време на модната недела. Сите манекенки, модни уредници, фотографи и вработените на Азедин се собираа во трпезаријата и јадевме и пиевме заедно.”

Кристин Бергстром:

„До почетокот на ’90-тите, ракавите на сите сакоа ги шиеше сам. Стигаа од фабрика така без ракави: сите ракави на сите парчиња од тоа време се сошиени од самиот Азедин. И одново и одново го правеше тоа - понекогаш и по девет, десет пати, додека не беше сосема совршено.”

извор

21 мај 2018 - 16:33