Со убавото облекување се заврши: Живееме во декада на грда мода

Модните трендови никогаш не биле побизарни - новото движење содржи флеки на облека, избелени веѓи и војнички шорцеви.

Дваесетгодишен диџеј, стилист и студент од Чикаго, Исаја Лат, има изјава за Гардијан, како совршен претставник на ова новово.

Вели:

„Лом се правам кога јадам. Порано ги бришев дамките, но сега не ми пречи да имам масло, или шпагети на шорцевите. Мислам дека е шик.“

Ова го оправдува како стил - малку дистописки, малку Мад Макс, малку стим панк, малку митолошки вајб. Сака тесни фармерки (!!!) капри и големи, како визири очила за сонце. Не дека се мачка со сос за шпагети, но му се допаѓа облеката да му биде „малку исфлекана“.

Господ напомош.

Значи, има ново расположение во модата - варира естетиката, но имаш маскирни војнички шорцеви, на пример, со гот-шминка и кабасти чизми. Маици со слогани каде што е преточен нихилистички интернет-хумор. Такви работи.

Даниел Роџерс, автор за мода од Британски Вог толкува дека голем дел од ова потекнува од бунтовната енергија на децата родени во 2000-ти, кои се обидуваат да ги вратат парчињата што миленијалците ги направија „за лузери“. И често има валкано, мрсно, згужвано и сирово. Ова е чиста спротивност на претходната деценија, со чистите, еднобојни кежуал парчиња и „чистата“ естетика.

„Стилот на младите се смени многу темелно во последните четири години,“ вели Шон Монахан, предвидувач на трендови кој уште од 2021 предупредува на ‘промена на вајб.‘ Особено се забележува отстапување од уличната мода (за што ги обвинува крипто-брос типовите), а „камбаната“ ја чул кога видел еден татко во мол во 2019, облечен од глава до пети во „уличен стил“ Баленсијага, како седи до неговиот син кој изгледал како да умира од срам поради татко му.

Инспирацијата се влече од рејвови, синт и техно сцената, а на младите им е наводно преку глава од „капиталистичка мода“.

Еден од претставниците е Џулија Фокс, вирална во нејзиниот избор на имагинативни комбинации, често составени од 2-3 ситни крпчиња.

Младешкиот бунт преку направи-сам мода не е нова идеја, се разбира, колку и да мислат зумерите дека е така. До одреден степен и миленијалците го правеа тоа, со откривањето на винтиџ и инди естетика.

А сепак, има нешо особено нихилистичко во тоа што сега се случува. Начинот на кој луѓето пробуваат комбинации од последните 15 години мејнстрим култура и ги ставаат на еден куп спремен како за клада.

Сè е во тренд и тоа одеднаш.

Сè е порозно и нејасно. И сè е дозволено, во духот на „креирање себеси без да ти биде гајле за правилата; идеја дека сè додека си свој, ќе изгледаш добро.“

И ако, добро, ќе преживееме.

Само немојте со флеки од зејтин.

22 јули 2024 - 11:38