Што се учи од експерт за средување плакари

Кај Џес Едвардс, новинарка од Космополитен влегува девојка што заработува од средување. Баш така, средување, не чистење, не помагање, туку decluttering, расчистување од непотребности. И еве што се научува од тоа.

„Често ми кажуваат - колеги, фамилија, пријатели и дечко ми, па и курирот од АСОС - дека имам премногу облека. Не знам кој им рекол да ја означат мојата колекција како ‘преголема’, ама на крајот на претходната година, веќе немаше бегање. Знаев дека имам проблем.”

Вака Едвардс го почнува своето излагање околу авантурата наречена „средување купишта облека” со помош на експерт, професија што кај нас не функционира затоа што уште не сме до тој запад стигнати - без разлика што на некои од нас очајно им треба стручна помош.

Кога со дечко ѝ се преселила во нов стан, се обидела божем да ги реши алиштата со онаков огромен плакар како соба - и ништо не излегло од тоа - хаосот си останал.

Ова е во 2017-та и во текот на годината одлучува дека мора поинаку. И на сцена стапува Вирџинија Фиси, која заради описот на професијата е навикната на хаос - оди по домовите на нејзините клиенти и им помага да најдат дијаманти меѓу сета таа шарена кал од претерано купување гардероба.

Дома ја пречекува со муабетот: „Немам брендирани парчиња,” на што експертот се насмевнува и ѝ кажува дека би се изненадила колку малку си ја познава облеката, притоа покажувајќи на пар UGG чизми во ходник, со зборовите „ете ти бренд.”

Да ја креираме сликата:

Во секое време, Џес Едвардс има три фиоки со спортска облека, фармерки и долна облека, закачалка за сукњи, панталони, маици и џемпери и уште една за сакоа и фустани. Ова во големиот, walk-in плакар. Има уште еден помал, за капути и ташни, една поголема фиока во спална со пижами и ствари за по дома, и на крај кондури насекаде низ куќата на најразлични слободни просторчиња што можат да се најдат.

Тоа за оваа сезона.

За наредната ги чува по куфери над плакарот и плус еден куфер со скијачка опрема.

Да те заболи глава.

Процесот:

Три етикети. „ЗА ПРОДАВАЊЕ”, „МОЖЕБИ”, „СРЕДИ” и „ФРЛИ”.

ФРЛИ: Што и да е скинато, исфлекано, многу гадно или премногу износено за да се подари, се фрла.

ЗА ПРОДАВАЊЕ: Се става на страна сè што не сакаш да задржиш, а е во добра состојба за да се продаде или вреди со кутија.

МОЖЕБИ: Ако нешто ти е точно и е во добра состојба, но не можеш да одлучиш дали го сакаш или не. Таа кутија се крие за да не ја гледаш и да забележиш кога нешто ќе ти прифали. „Ако скроз ги заборавиш, значи дека треба да ги откачиш засекогаш,” вели Вирџинија.

СРЕДИ: Ако имаш облека што ја сакаш, а не ти е точна, или фалат копчиња, или треба да се пораби. И бара искреност со себе, дали стварно ќе ја носиш на средување и дали средувањето ќе се исплати.

Сè друго се враќа во плакар организирано по категорија и по боја.

Сортирање

„Ако сакаш да имаш среден плакар на крај, земај едно по едно парче и загледај го, додека средуваш. Пробувај ако треба, и сортирај по пат.”

Дали е точно?

Дали си го носела претходната година? Затоа што ако не, веројатно нема никогаш да го облечеш.

Дали има историја или посебно значење? Ако да, задржи го. Најди и каде да го чуваш за да не се полни со прашина.

Дали ти предизвикува убаво чувство?

Дали одговара со другите работи во плакарот?

Дали е во добра состојба? Ако не, може ли лесно да се поправи или ќе треба да го носиш некаде?

Дали те нервира или ти е неудобно кога го носиш?

Што се учи во целиот овој процес

„Кога релативен туѓинец ти ја разгледува гардеробата, навистина добиваш нова перспектива на своите шопинг-навики. Се фатив како ми е незгодно кога ѝ покажував на Вирџинија некои работи. Чудно, со оглед на тоа што навистина ми се допаѓале во еден момент,” вели Едвардс.

Исто ти станува јасно дека се случува да имаш неколку верзии од истата ствар: пет џемпери, пет пара светлосини фармерки, девет пара хеланки за вежбање. А истовремено на пример, имаш една блуза „за излегување” и нула темносини фармерки. И можеш и да сфатиш што точно ти фали, а често имаме проблеми со облекување затоа што ни фалат класични парчиња.

Вирџинија вели: „Не се плаши да фрлаш работи што веќе не ги носиш или не ги сакаш. Се разбира дека се држиме за ствари со кои сме емотивно врзани или не потсетуваат на нешто фино, но само затоа што е подарок, не мора да значи дека мораш да го чуваш.”

Ако се фатите за оваа работа, макар и сами (уште од вечер, ако славите во пижами), не може резултатот да не е подобар од тоа што го имате во моментов. И, најсекташки, уште еднаш, по којзнае кој пат, сте слушнале ли за нашиот господбог модна капсула?

Или, би се снашле ли само со три комбинации за облекување?

Или со минимализам?

Или со префинетост како трик за среќа?

31 декември 2018 - 15:15