Би се снашле ли само со три комбинации за облекување?

Три, дежурни, со кои не можеш да згрешиш. Треба само да пазиш на додатоците и спремен си во секое време.

Филозофијата „модна капсула” (за која детално пишува овде), е една од најпаметните работи што можеше да им текне на ентузијастите за мода, во однос на практичност и штедење на време, пари и нерви. Ако сè уште не сте стигнале до таа лекција, тогаш има нешто поедноставно.

Муабетот со трите главни комбинации не значи дека треба да фрлите сè друго што имате во плакар. Ама откако ќе ја откриете магијата, некако неизбежно е да сфатите колку многу алишта имате за во Црвен крст.

Значи,

1. Костум

2. Фармерки и маица

3. Црн фустан

Толку.

Зошто е добро?

Затоа што костумот може многу лесно да биде и за на конференција и за до град. Зависи дали ќе го облечеш со маица, со патики, или со безбол капа. Фармерките и маицата, една од најзахвалните комбинации што некогаш постоеле на планетава стануваат едно кога се на обична патика, а друго кога се на штикла. И се разбира, црниот фустан трпи сè. И само од неколку ситни детали зависи дали е спремен за свадба, кафе, или џез свирка.

26 април 2018 - 11:51