Хоророт наречен Мадам Лалори

Делфин Лалори од Њу Орлеанс ја сметале за монструм дури и во време кога „не било толку страшно“ да си монструм со луѓе.

Во април 1834, избива пожар во една убава куќа во Њу Орлеанс, во сопственост на Делфин Лалори и нејзиниот сопруг. Кога влегуваат луѓе да гасат, се соочуваат со една од најшокантните глетки во американската робовладетелска историја.

Куќата, сместена на 1140 Ројал Стрит, била преубава однадвор, но внатре, Мадам Лалори сурово и систематски мачела безброј поробени луѓе со години. Кога конечно успеале да влезат локалците со намера да го гасат пожарот, не само што ја нашле готвачката врзана со синџир за шпоретот, туку и повеќе унаказени луѓе на таванот. И ова засекогаш ќе ја смени перцепцијата на јавноста за тоа која била Мадам Лалори, богатата жена што ја знаеле како достоинствена, фина со робовите и организаторка на луксузни забави.

Родена е како Делфин Макарти, во богато семејство и мажена е три пати - еднаш на 14-годишна возраст за 35-годишен човек кој загинал во бродска несреќа, втор пат, на 20 години, кој умрел одненадеж, откако им се родиле четири деца; трет пат за Др. Луи Лалори, кој бил помлад од неа. Бракот не им бил баш среќен, затоа што се раскажува дека нонстоп се карале и се смирувале, но и покрај тоа, купиле убава, недовршена куќа, ја довршиле и ја направиле атрактивен дел од соседството.

Наскоро почнале да се шират гласини за начинот на кој Лалори ги третирала робовите, со тоа што некои се сомневале дека ги казнува многу пострашно од тоа што било дозволено легално во Њу Орлеанс.

Замисли што треба да правиш, за јавност навикната на сурово казнување робови да се потресе.

Пред народ била фина со нив, дури и ослободила двајца. Сепак, луѓето забележувале дека нејзините робови изгледаат „исклучително уништено“, и толку почнало да се зборува за тоа, што во куќата отишол некој адвокат да истражи, но не нашол никакви проблеми.

Соседите сведочеле дека во еден момент, 12-годишно девојче „во сопственост“ на Лалори ја чешлало и ја искубало несакајќи. Толку збеснала што извадила камшик и ја бркала до најгорниот спрат на куќата, од каде што девојчето на крај паѓа и умира. Се обидела да го сокрие ова и да ја фрли во бунар, но властите дошле да истражат. Ја обвиниле за нелегална суровост (затоа што имало и легална!) и ја принудиле да ги предаде робовите. Се снашла со тоа што побарала од роднини и пријатели да ги откупат и потоа си ги купила назад.

Пожарот се случил на 10 април, 1834, кога група локални жители влегле да помогнат со гасење на оганот. Мадам Лалори и нејзините гости избегале надвор, а спасувачите нашле 70-годишна готвачка, уништена и врзана за шпоретот, што подоцна признала дека намерно го почнала пожарот, само не е сигурно дали сакала да се самоубие, или да привлече внимание на хорорите што се случувале.

Кога се качиле на таванот, „ги поздравила“ ужасна глетка што не можеле ни да ја претпостават. Локалниот весник во Њу Орлеанс на 11 април потоа ќе објави дека

„Пронајдени се седум робови ужасно унакажани и искасапени, обесени за врат, со екстремитетите растегнати и искинати, оставени така неколку месеци, и одржувани живи само за да им се продолжи страдањето.“

Уште пострашно било што овие, сѐ уште живите, се најдени меѓу мртви тела од веќе малтретирани и убивани робови - некои врзани за маси, некои затворени во мали кафези. На една екстремитетите ѝ биле скршени и наместени да изгледа како рак, на некои им биле сошиени устите, на некои ископани очите.

Еден сведок дури тврдел дека имало лешеви со дупки во черепот и дрвени лажици во нив, со претпоставка дека им го мешале мозокот.

Дури и по бруталните стандарди на ропството во Америка, ова се сметало за застрашувачко. Веќе се собрале луѓе да ја приведат Мадам Лалори, но таа успеала да влезе во кочија и да избега.

Подоцна, американски поет вели дека се сретнал со неа на некој брод, во јуни 1834 и веројатно не издржала да не се пофали, затоа што тој има запишано дека сретнал „убава Французинка, некоја Мадам Лалори, што направила ужасно сурови нешта на нејзините робови во Њу Орлеанс“. И дека „некои ги откриле заробени, некои врзани во болни пози, а трети со страшни рани и едвај живи.“

Сепак успеала да стигне до Париз, каде што подоцна ѝ се придружиле сопругот и децата, каде што и умрела на 7 декември, 1849, на возраст од 62 години. Подоцна, телото ѝ го пратиле во Њу Орлеанс, каде што е откриена и нејзината надгробна плоча, после некое време.

Иако со уништена репутација, Мадам Лалори сепак успева да се извлече од судење, или бар од некои што би ја земале правдата во свои раце. Не се знае колку луѓе настрадале од нејзиниот болен ум, но се смета дека дури сто луѓе може да се во прашање.

Во Њу Орлеанс е останата куќата како сведок на злото и е една од најпопуларните опседнати куќи во Америка.

16 мај 2025 - 11:11