Што одлучивте да правите со себе во 2021?

Да, за новогодишните одлуки разговараме. Да, може и истите од 2020, со оглед на тоа дека сѐ се откажа.

На 2021 ѝ пристапуваме со повеќе надеж од 2020, само затоа што ланската година ја земавме здраво за готово, очекувајќи да можеме да меандрираме низ сопствените секојдневности. Сѐ уште нѐ држи строго, ама останува оптимизмот - можеби до лето ќе се вратиме во живот?

Веројатно неостварените желби од минатата година ви се префрлени во оваа, ако се работело за патувања, свадби, средби и слично. Сепак, по дискусија со следачите, една од попријатните инфлуенсерки (кои не се опседнати со своето инфлуенсерство) Жустин Леконт, доаѓа до дури 85 предлози за „новогодишни одлуки“ и многу од нив не се базираат на минливи работи - напротив, препорачува долгорочни решенија од суштинска важност, како што е на пример на тема ментално здравје.

На пример, предлага да замислите два круга: еден помал, и околу него еден поголем. Помалиот сте вие и она што зависи само од вас; поголемиот се работите што ве загрижуваат, а не можете да направите нешто за да се сменат. Идејата е поголемиот круг да се стесни и да се доближи што е можно повеќе до помалиот. Во превод - да се обидеме да не си го нарушуваме менталното здравје за нешта чија промена не е во наша моќ.

Оваа „новогодишна одлука“ е на пример одлична и далеку попаметна од „да одам во Јужна Африка“, иако приоритетите за патување и проширување хоризонти треба да се негуваат.

Понатаму, на прашањето што одлучивте за 2021, еден куп луѓе истураат варијанти на „благодарност“ и „ценење себеси повеќе“ што само покажува дека имале време да размислат за себе и она што би ги направило среќни. Една репика гласи: „Да запишам барем една добра работа што се случила во текот на денот“, што долгорочно гледано може да има многу позитивен ефект.

Уште едно вредно за спомнување:

„Да шутнам двајца токсични луѓе од мојот круг“.

Ако имате дури двајца, замислете кое олеснување ќе ви биде да не морате веќе да ги гледате.

И поставување граници. Додека не сме дошле до емотивна истоштеност.

20 јануари 2021 - 00:00