Чувството наречено „емотивна истоштеност“

2020 беше непопустлива, почетокот на новава 2021 е исто предизвикувачки и ако постои фраза што ќе опише што чувствува огромен дел од луѓето тогаш е - емотивна истоштеност.

Фрустрирачките, непријатни и непредвидливи настани изминативе месеци побараа многу од нас - многумина беа принудени да најдат нови начини за работа, грижа и учење деца, за одржување на здравјето и врз сето тоа да се трудат да останат поврзани. Секојдневно растеше товарот од одговорности, а кога ќе вклучевме телевизија или сурфавме на интернет, божем за разонода - гледавме уште непријатности по цел свет.

Уште колку може човек да издржи?

„Емотивната истоштеност е чувство на преплавеност од нештата. Преплавеност до степен да сфатиш дека немаш веќе доволно капацитет,“ вели Вејл Рајт, постар директор за иновации во здравството при Американската асоцијација на психолози. „Се работи за физички умор. За ментален умор. Потешкотии при концентрација. Сето тоа го искусуваме кога ќе си ги потрошиме батериите до крај.“

А сепак, повеќето од нас немаат луксуз да се повлечат од одговорностите, особено во моментов, кога постојано фрчат повици од работа, деца бараат внимание или пријатели бараат помош. Во ова време на несигурност, не можеме да ги елиминираме најголемите предизвикувачи на стрес или да знаеме кој од нив ќе следи.

Што всушност е емотивна истоштеност?

Не се работи за посебен клинички синдром, но експертите за ментално здравје велат дека може да доведе, или да дојде заедно со други нарушувања, како на пример депресија. Фразата се користи кога се зборува за прегорување, кога човекот веќе е свесен дека нема повеќе енергија за ништо.

Често се случува кога ресурсите за извршување на дневни обврски, работа и грижа за себе ќе се потрошат. Секогаш постои некое ниво на стрес и анксиозност, но кога сме емотивно истоштени, стресот е пролонгиран и станува хроничен. Системите од кои влечеме за да функционираме се растураат и прегоруваме.

Секој што чувствува хроничен стрес е подложен на прегорување, но ова е особено присутно ако работите во здравство или полиција во моментов.

Како да знаете дали сте емотивно истоштени?

Според експертите за ментално здравје, постојат повеќе знаци и симптоми:

  • Иритабилност
  • нервоза
  • фрустрација
  • потешкотии при концентрација
  • губење мотивација
  • недостаток на фокус
  • „замаглен“ ум
  • чувство на неповрзаност со другите луѓе
  • чувство дека сте неефикасни и некомпетентни (дури и кога ги надминувате очекувањата дома и на работа)
  • реални проблеми со перформанс, вклучувајќи и правење повеќе грешки од обично
  • умор и напнатост во мускулите
  • главоболки
  • стомачни проблеми
  • проблеми со спиење

Емотивната истоштеност води и до апатија и безнадежност, па предизвикува и да изгубиме интерес во нешта што претходно сме ги сакале.

За човек да функционира добро, потребна е цврста основа: сон, добра исхрана, физичка активност и социјална поврзаност. Истовремено, потребни се граници. Ако сте распаднати, време е повторно да ги исцртате границите. Потребно е да се каже не на работи што нѐ истоштуваат, затоа што не можеме да направиме баш сѐ.

Ако сте пред распаѓање, експертите советуваат да се запрашате што е тоа што го земате како обврска, а можете да го прескокнете и да се повлечете? Прост пример за ова би бил, ако секогаш правите оброк од нула, можеби треба да размислите за замрзнат или конзервиран зеленчук што ќе ви го олесни процесот.

Можете да замолите и пријател или член на семејството да ви помогне околу решавање на проблеми и олеснување на товарот. Опција е и психотерапијата, во случај сѐ уште да ја одложувате. И на крај, советот е да размислиме што нѐ полни емотивно. Кога сме емотивно распаднати, треба да посегнуваме кон работи што ни прават да се чувствуваме подобро. Едноставни примери: да се јавиме на пријател што нѐ радува. Да слушаме музика што нѐ расположува.

Кога сме преплавени, тешко е да се намали со стресот, поради што експертите велат дека најдобар лек за емотивна истоштеност е да се потрудиш воопшто да не дојдеш до тоа.

18 јануари 2021 - 00:00