Ова се луѓе родени меѓу 2010 и 2025 (уште се раѓаат) и истражувањата покажуваат дека ќе биде најголемата генерација во историјата. Доаѓаат после Генерација З (родени 1997-2012) и има поклопување, но добро, дефинирањето генерации сепак не е егзактна наука. На Алфа, родителите им се главно миленијалци, па некои ги викаат и мини-миленијалци.
На Алфа многу им влијае Ковид-периодот - школо од дома и многу технологија во секојдневието. Всушност, технологијата може да им е најдефинирачка карактеристика до сега. Експертите сметаат дека како генерација ќе имаат помал опсег на внимание, зголемена дигитална писменост и оштетено социјално формирање - овие времиња на сите ни влијаат, но на нив особено во нивните формативни години. Плус, социјалните мрежи нив повеќе ги изложуваат на социополитички теми и културолошки трендови.
Од главните карактеристики, прво се родени во сосема дигитално време и ќе бидат технолошки најспремни досега - од рано детство имаат компјутер, за разлика од сите нас. Просечниот Алфа пред да наполни една година веќе има 100 слики од себе на социјални мрежи. 65% од 8-11 години имаат пристап до мобилен телефон, а 84% (барем во САД) користат технологија во школо.
Постојат шпекулации дека оваа технолошка спремност ќе игра голема улога во нивниот економски придонес понатаму, бидејќи ќе создаваат, ќе кодираат и се креативна генерација. Сепак, проблеми има затоа што поминуваат многу помалку време надвор и не им се ни оди. Екраните влијаат и на анксиозност и депресија, па затоа се смета дека за нив технологијата е меч со две острици.
Инклузивноста им е многу важна - Генерацијата Алфа расте во период кога на широко се дискутираат раси и сексуалности, а во некои држави и во школо ги запознаваат со темите. Се очекува да бидат многу поотворени со овие теми и самите да очекуваат светот да ги рефлектира нивните вредности.
Ќе бидат и пофокусирани на менталното здравје, бидејќи родители им се миленијалците, кои работат со нив на такви прашања. Во денешно време и школите и медиумите се фокусирани на ментална хигиена, па на Алфа ќе им доаѓа природно тоа, што значи дека кога ќе се соочат со такви пречки, можат да имаат бенефит од сè поголемата свесност и отвореност.
И се очекува да бидат активисти - на пример, во Њу Џерси, климатското образование станало задолжителен дел од програмата на државните школи, а на друго место, во Монтана, група многу мали деца решиле да ја тужат државата дека користи фосилни горива. Не дека многу разбираат, ама се работи за генерација што расте со родители што ќе ги едуцираат за овие теми, додека не почнат сами да се едуцираат од бескрајните информации.
Засега за сè ова може само да се шпекулира - многу се мали (некои не се ни родени) и можат да изненадат.
Допрва ќе дознаваме.