Што има во несесерот на Ања Тејлор-Џој?

Најдобриот совет за убавина што го добила е, да го истакнеш тоа што веќе го имаш, и да не пробуваш да сокриеш „грешки“. Вака Ања Тејлор Џој го почнува видеото спремено од Харперс Базар, од серијалот „Што имаат во несесер“, како додаток на претходниот - „Што имаат во ташна“.

Иако главно сакаме да тврдиме дека не нѐ интересираат животите на славните, сепак кога некој ќе ти понуди да ѕирнеш во багажот на главната ѕвезда од Queen’s Gambit - кликаш. Можеби затоа што несесерот, исто како и библиотеката дома, исто како и спалната соба, открива детали за човекот што преку интервјуа не се откриваат. Кога им гледаш во ташна, се разбира, никаде не пишува дали спремиле однапред за лажно да се претстават - иако и самиот тој чин укажува на тоа дека луѓето се свесни дека соголување на ташната некогаш значи и општо соголување. Не ѝ поверувавме на Хејли Бибер дека и до продавница ја носи таа книгетина, ама ташната на Алекса Чанг? Човек може да се клади дека е таква.

Несесерот е друга приказна - не научуваш толку за карактерот - повеќе за навиките и она што овие луѓе што ги гледаме само на слики - ги прави убави. Како бонус - и тоа дека се луѓе што ќе претераат со бланширање на косата, ќе им падне, па ќе се осудат на вечно користење регенератор од корен до врвови.

2 декември 2020 - 13:22