Почесто, прашањето функционира како реторичко, како за потпалување морална паника за промена на семејните вредности, или шпекулации за тоа дали општеството станало прецинично за љубов. Во популарната култура, владее чувството дека бракот нѐ прави среќни, а разводот нѐ остава осамени и дека никогаш да не стапиш во брак значи фундаментален неуспех да припаѓаш некаде.
Но, шпекулацијата за тоа дали бракот е вишок или не, занемарува едно поважно прашање: Што се губи ако бракот се смета за најцентралната врска во една култура? Ова лично прашање е многу социјално и политичко. Ако кажеш дека не те интересира брак, луѓето автоматски претпоставуваат дека не си сериозен за врската, а всушност, сомнежите не се за твојата врска туку за самата институција брак.
Додека бракот се смета за основен чекор за успешен живот, еден истражувачки центар истакнува дека само околу половина од Американците над 18 години се во брак. Ова е пад од 72 проценти од 1960. Една очигледна причина за оваа промена е што, во просек, луѓето стапуваат во брак многу подоцна отколку порано. А кога се оплакува поразот на бракот, обично се цитираат вакви работи - „не е како порано“, а има сосема легитимна причина за тоа.
Социологот Ендру Черлин истакнува дека само две години откако Врховниот суд во Америка одлучи да легализира истополови бракови, цели 61% од луѓето во истополови врски влегле во брак. Черлин вели дека иако ова е поради искористување на легалните права и придобивки што им се тазе достапни, повеќето го гледаат бракот како „јавен показател на нивната успешна заедница.“
Престижот за кој се смета бракот отежнува критички да се размислува за институцијата - особено во друштво на идејата дека заветот ќе те спаси од егзистенцијалната осаменост на бивањето човек. Кога луѓето наведуваат придобивки од бракот, често укажуваат на едно неопипливо чувство на припадност и сигурност - „Кога си во брак, едноставно чувството е поинакво.“
Бракот одговара на универзалниот страв дека осамен човек може да повика некого и никој да не му одговори. Нуди надеж за друштво и разбирање, и дека сѐ додека се двајцата таму, едниот ќе биде тука за другиот. Оваа идеја - дека бракот е најдобро решение за длабоката човечка желба за конекција и припадност е многу заводлива. А сепак, истражувањата покажуваат дека, какви и да се придобивките, бракот доаѓа со сопствена цена.
Чехов ќе каже, „Ако ти е страв од осаменост, не влегувај во брак.“ И може да е во право. Две национални анкети во Америка, спроведени од социолозите Наталија Саркисјан и Наоми Герстел, откриваат дека бракот ни ги ослабнува социјалните врски. Споредено со оние кои остануваат сингл, луѓето во брак поретко им се јавуваат на родителите и браќата и сестрите, и се помалку склони да им понудат емотивна подршка или прагматична помош. Помалку се дружат и со пријатели и соседи. Самците од друга страна се многу поповрзани со социјалниот свет околу нив. Во просек, повеќе се грижат за браќа/сестри и остарени родители. Имаат повеќе пријатели. Почесто нудат помош на соседи и бараат помош за возврат. Сингл жени особено се поактивни политички - со присуство на протести, или собирање средства за каузи што им се важни.
Саркисјан и Герстел се прашале дали можеби некои од овие ефекти се објаснуваат со обврската за грижа за мали деца - дали можеби родителите немаат екстра време и енергија за да се понудат на комшии и пријатели. Но, по испитувањето на овие податоци, откриле дека луѓето во брак без деца се најизолирани. Укажуваат на едно потенцијално објснување - имаат повеќе време и пари, па им треба помалку помош, и помалку ја нудат.
Парови кои живеат заедно, а не се во брак искусуваат барем дел од цената и придобивките кои важат за бракот. Очекувањата што доаѓаат од заеднички живот со сериозен партнер, брак или не, ги наметнуваат нормите што креираат социјална изолација.
Социјалното оттуѓување е интегрирано во брачната идеологија и лесно се превидува. Саркисјан и Герстел истакнуваат дека современиот брак доаѓа со културолошката претпоставка на самодоволност. Ова се рефлектира кај младите и нивната тенденција да го одлагаат бракот додека не можат да си дозволат да живеат сами. Идејата на самодоволност се рефлектира и кај свадбите, кои пак ставаат акцент на луѓето што се земаат, наспроти поголемата заедница на која ѝ припаѓаат.
Љубовта е сржта на животот, а сепак, луѓето често се обидуваат со инка да и вметнат канали кои ги налагаат бракот и семејството. И иако на овој сетап се гледа како на културолошка норма, во реалноста сепак - не е, со оглед на тоа колкав дел од популацијата бира да не живее така. Милиони живеат сами, со други немажени/неженети, или како самохрани родители со деца. Вреди да се размисли што би се случило ако живеат во култура која ги подржува сите типови на интимни врски со истата енергија што во моментов се посветува на славење и подршка на бракот како институција.