
Сте чуле ли за теоријата на редослед на раѓање? Според неа, местото што го имаме во семејството според возраст, може да влијае врз начинот на кој се развиваме, како се однесуваме и какви улоги преземаме.
Во последно време на ТикТок е вирален терминот „синдром на најстара ќерка“ - појава што опишува како најстарото женско дете често станува „трет родител“ во семејството: се грижи за помалите деца, ги следи емоциите на сите околу неа и чувствува дека нејзина задача е сè да биде во ред.
Oва не е официјална медицинска дијагноза - во психологијата е најблиску до поимот „parentification“ (родителизација) - ситуација кога детето презема одговорности што обично им припаѓаат на возрасните.
Што е, значи, синдром на најстара ќерка?
Најстарите ќерки често растат со чувство дека мораат да бидат одговорни, зрели и пример за другите. Не се само деца во семејството - често стануваат помошници на родителите, чувари на помалите браќа и сестри и луѓе кои ја „читаат атмосферата“ дома.
Психолозите објаснуваат дека најстарите ќерки често развиваат силно чувство на одговорност за туѓата благосостојба - забележуваат промени во расположението, напнатост или конфликти уште пред да се случат. Додека другите деца можеби учеле да свират инструмент или да играат тенис, првородените женски деца учеле да препознаваат тишини, вознемиреност кај родителите или промени во семејната динамика.
Најчести знаци на „синдром на најстарата ќерка“:
- Чувствувате одговорност за туѓите емоции - постојано се трудите на сите околу вас да им биде добро.
- Сакате да имате контрола - кога сè е организирано, се чувствувате посигурно.
- Автоматски се грижите за другите - во пријателства и врски често сте личноста која помага и решава проблеми.
- Ја поврзувате својата вредност со успехот - се чувствувате вредни кога сте корисни и кога сè држите под контрола.
- Тешко кажувате „не“ - дури и кога сте преоптоварени.
- Често сте исцрпени, но мислите дека не правите доволно.
- Чувствувате вина кога се ставате себеси на прво место.
Од првото дете често многу повеќе се очекува - се бара да биде пример, да помогне, да попушти и да биде „зрелиот“. Кај девојчињата ова понекогаш е уште посилно поради традиционалните очекувања дека жените треба да бидат грижливи, организирани и емоционално достапни. Така, најстарата ќерка може да добие двојна улога: да биде лидер во домот, но истовремено и „совршеното“ девојче што никогаш не создава проблеми.

Со тек на време, ова може да влијае и врз односите со браќата и сестрите. Помладите понекогаш ја гледаат најстарата сестра повеќе како втор родител отколку како рамноправен член на семејството.
Жените со ваков образец често влегуваат во врски каде повторно ја преземаат улогата на спасител. Може да чувствуваат дека нивна задача е да го поправат партнерот, да спречат конфликти или постојано да се прилагодуваат на туѓите потреби. Проблемот е што грижата за другите може да стане начин на избегнување на сопствените чувства. Наместо да дозволат некој проблем едноставно да постои, тие веднаш бараат решение.
Како да се прекине овој образец?
1. Престанете да ги гледате односите како тест.
Не треба постојано да докажувате дека сте доволно добри. Врската не е испит што треба да го положите, туку простор каде двајца луѓе се запознаваат.
2. Престанете да ги контролирате туѓите реакции.
Не можете да управувате со туѓите мисли, чувства и однесувања. Ваше е да се грижите за сопствените граници.
3. Престанете постојано да се прилагодувате.
Вашите желби и потреби се исто толку важни како и потребите на другите.
Важно е првородените женски да знаат дека проблемот не е во нив. Особините што некогаш им помагале да преживеат и да се снајдат - одговорноста, интуицијата и грижата за другите - можат да станат товар ако никогаш не научат да ги користат и за себе.
И на крај - ќе се снајдат другите во семејството и без вас. Поспијте малку.