И ова прочитајте им го на ќерките:

Што би ја советувале 28-годишната верзија од себе?

Можеби во моментов ви се чини дека не може подобро. Може ви се чини дека не може полошо. Во секој случај, скроз е корисно да се прочитаат овие жени, кои се навраќаат на моментот кога наполниле 28 години, како тоа изгледало, и на крај, кажуваат што е тоа што сега го знаат, а ќе било фино да го знаеле тогаш. И како што ќе каже една од нив, „некои совети секогаш важат”.

Почнуваме баш со 28.

Леандра, основач на Мен Репелер, 28

„Десет месеци сум во 28-мата година од животот и во последниве 3 години, најголем проблем ми е да бидам истрајна. Да водиш фирма е многу, многу голем предизвик, особено за некој што се доживува себеси како креативен. Да се присилувам да влезам во улога на нешто што често знае да не ми е многу точно, ме тера да ги поврзам репродуктивните проблеми со условите на мојот професионален живот.

Но колку и да е предизвик да се изгради и да се води компанија, и колку и да е мачен процесот да забременам, сјајните моменти кога нештата делуваат како да си доаѓаат на место или конечно имаат смисла, му даваат една вредност на тој труд. Велат дека никој не сака да пишува, туку да има напишано; мислам дека ова е точно за соочување со лични и професионални препреки. Ако можеш да излезеш на површината и да земеш воздух, и повремено да ги надминеш тие препреки, ретко зажалуваш и всушност, ти станува радост.

Би сакала да можев да ја ја применам оваа ретроспектива во процесот, додека бев во него. Посакувам да уживав во процесот таков каков што беше – еден процес. Друга работа е што ниеден начин на постоење не е траен. Ова е многу тешко да ти текне кога страдаш, затоа што се чувствуваш како да си замрзнат во времето. Да можам да си дадам совет, на моите 28 години, би рекла: „Ти текнува како мислеше дека никогаш веќе нема ни да мрднеш, ни да сакаш, кога ти раскина дечко ти на 17? Ти текнува колку се чувствуваше глупа кога се сврши на 22 поради тоа? Зошто дозволуваш историјата да се повторува, Леандра? Истиот механизам на размислување, различна тема. Колку и да мислиш дека имаш контрола, некогаш не е баш така. И не е страшно: ПРЕДАДИ СЕ.”

Андреа Артербери, фриленс новинар, 36

„Најголема радост на 28 години секако ми беше мојата кариера. Живеев во Њујорк и работев цело време. Една од најголемите цели како новинар, ми беше да ми се објави текст во Њујорк Тајмс и ми успеа тоа, неколку пати. Толку се гордеев со себе што го достигнав ова, затоа што многу напорно работев за да стигнам до таму! Но најголемата радост ми беше и најголем проблем. Толку бев зафатена со работа и професионални средби што не наоѓав време за себе, ниту се посветував на нешто друго освен работа.

Како резултат на тоа, бев многу изгорена до моментот кога наполнив 30. Знаев дека морам да подзастанам, но како? Кога? Одговорот го најдов во форма на (тотално непланирана) бременост. До следната година веќе бев сингл мајка во Њујорк, решена да ѝ функционира животот како претходно, затоа што бев тврдоглава. Но наскоро сфатив дека мојот поранешен живот не може веќе да се случи, па се спакував, си го собрав бебето и се преселив назад во Тексас. Беше прилагодување, но во моментов не би сменила ништо. Мојот 5-годишен син е среќен и здрав. Животот тука е многу полесен и искрено можам да кажам дека сум среќна. Прв пат во животот, се чувствувам приземјено и супер-сигурно во улогата на негова мајка.

Би сакала тогаш да знаев како е да се успори и да се посвети време на себе, затоа што неколку години ме делеа од мајчинството. Вака кога ќе размислам, веројатно повеќе ќе спиев.”

Амара Јакуб, креативен директор, 37

„Првото дете го родив на 28. Ја работев и работата од соништата. Бев купувач за Луј Витон и уживав во тоа. Во тој момент, (погрешно) мислев дека имам сè што сакам. Но, иако родив едно прекрасно девојче, ми беше тешко да го разберам и да го прифатам мајчинството. Многу се здебелив додека бев трудна и се мачев да ослабнам. Се вратив на работа и открив дека нашле некој што ги исполнува повеќето мои обврски, па се почувствував вишок и виновна што воопшто сум родила дете.

Се обидов да ја држам фасадата, дека се справувам со тој, сега сфаќам, ужасно трауматичен период за мене. Веројатно се борев и со постнатална депресија, но немав ни поим што е тоа, ниту пак знаев да побарам помош. Би сакала да побарав помош. Ќе беше многу подобро.

Да можам да ѝ дадам совет на 28-годишната јас, би рекла дека да се има сè е илузија. Животот е оддржување и постигнување рамнотежа (а тоа значи нешто друго секој ден) и е постојана битка. Многу луѓе сметаат дека да имаат деца е најголемо достигнување, но иако си ги сакам децата повеќе од животот, никогаш не сум го мислела тоа.

Би си рекла дека во ред е да имаш сопствени цели и дека треба твојата среќа да ти биде приоритет, без да се чувствуваш себично, виновно или да се извинуваш. Не треба да се губи време на тоа како луѓето те доживуваат, и не треба да дозволуваш мислењата на небитните да те задржуваат.

И најважно, би се советувала и би се спремила околу раѓањето. Немав поима во што се впуштам и се изненадив колку штета ми направи на телото и умот. Физичкото опоравување бараше месеци (после таа, како што ми се чинеше, бескрајна бременост). Се мачев со доење, се измачував до плачење и тешко ми беше да се поврзам со бебето.

Би си рекла „и ова ќе помине.”

Никол Шапото, моден директор, доцни 30-ти

„Кога наполнив 28, ме делеа месеци од свадба, наоѓање дом за мене и мојот сопруг и откривање дека официјално станувам возрасен човек. Еј! Никогаш немавме живеено заедно, бевме стара школа (иако бевме заедно од средно) и помислата да не живеам со другари прв пат после колеџ ми беше страшна. Но истовремено бев и возбудена што нема само да преспивам кај дечко ми и он кај мене. Да можам да си дадам совет, би бил, „Биди поавантуристична. Немој сè да сфаќаш сериозно. Се уште имаш дваесет-и-нешто, во ред е да заебеш. Има време да се вратиш на нозе.” Би сакала да го сфатев тоа порано, дека освен плаќањето сметки, да се биде возрасен е всушност забавно.”

Лиз Маркус, уметник, 49

„На 28 години тргнав на додипломски во Филаделфија. Прв пат имав свое ателје. Беше исполнето со светлина и се наоѓаше на еден прекрасен кампус со дрвја насекаде. Имав време и простор да создавам уметност и само тоа требаше да го правам. За жал, едно раскинување ми го одземаше вниманието. Можеби имав 28, но емотивно гледано немав повеќе од 15. Бев уништена. Би сакала помалку да се секирав за тој дечко, а повеќе за неверојатната креативна шанса што ја имав.

Да можам да се посоветувам во тоа време, не би си кажала што ме чека во наредните деценија-две. Толку време беше потребно да се помине низ еден сериозен емотивен развој и многу досадни работни места. Но сега се вратив на тоа прекрасно нешто, да имам неверојатно студио каде што целото слободно време го поминувам создавајќи уметност. Би си рекла дека е важно да се сфатиш себеси посериозно како уметник, како што машките тоа го прават. И дека треба да ја изнесам својата уметност надвор порано и со повеќе одлучност.”

Сузан Морис, учителка во прво одделение, 42

„Ах, 28, каква возраст! Откако пораснав како најмала од пет ќерки, конечно се почувствував возрасна. Конечно се вклопив. Многу ме радуваше тоа. На 28 се вљубив и во човекот во кој се омажив и си го изградив семејството. Кога ќе се навратам, 28 ми беше многу среќно време. И поради тоа, секогаш брзав да влезам во наредното нешто. Се тркав со самата себе и сите што ги познавав, дури и кога тие не беа свесни за тоа. Брзав да се омажам, да имам дом, и така натаму. Ова ме истоштуваше.

Би сакала да сфатев колку прекрасно време беше тоа. Да знаев дека со времето, ќе ми се смени и семејството. Би сакала да се движев побавно. Да си дозволев да уживам во секој чекор само уште малку. Да можам да се вратам и да си кажам некоја мудрост на 28 години, би рекла, „Побавно малку, живеј во моментот и не се секирај за ситници.” Но бидејќи не можам да се вратам, ќе си го кажувам тоа сега, затоа што некои совети секогаш важат.”

3 ноември 2017 - 13:00