Што ако еко-анксиозноста ти го уништува менталното здравје?

Кога си млад, на иднината гледаш со еднакви дози страв и оптимизам: се плашиш од задолжителниот багаж што доаѓа со стареењето, но чувствуваш и потреба од одговорност. Пред 30 години, бејби-бумерите беа под закана од војна - денес, тоа чувство дека животните амбиции ти се осудени на пропаст е под влијание на нешто поинакво.

Климатската криза драстично ја оформува судбината на планетата. Досега ви е веројатно познато - научниците тврдат дека имаме уште 12 години да се спасиме од сигурна пропаст, но корпоративната алчност и одрекувачите на високи позиции нè успоруваат во круцијалните, глобални промени. Како човек да ја процесира таа информација?

Грета Тунберг, во нејзиниот говор на самитот во ОН го масовно го освести светот на оваа тема. „Ми ги украдовте соништата и детството со вашите празни зборови,” рече таа. „А јас сум и меѓу тие што имаат среќа. Луѓето страдаат. Луѓето умираат. Цели екосистеми пропаѓаат. На почеток сме на масовно уништување, а вие зборувате само за пари и бајки на вечен економски раст.” Песимизмот како појдовна точка е важен, затоа што овозможува простор за патот кон искупувањето, а тоа во моментов очајно ни треба.

Врската меѓу менталното здравје и климатските промени е релативно нова тема за истражување - првиот извештај беше објавен во март, 2017-та од страна на Американската психолошка асоцијација. Едно од поглавјата разгледува соластагија: чувството на непријатност што го добиваме кога ќе изгубиме нешто што ни е важно поради климатската криза. Често се нарекува и еко-анксиозност: термин што опфаќа слични чувства на загуба и страв, како што ги снемува видовите, морињата поплавуваат цели хабитати, а растенијата се уништуваат од климатски катастрофи.

Д-р Џули Шајнер е психолог што работи со млади луѓе кои ги чувствуваат ефектите на еко-анксиозноста цело време. „На терапија на децата и тинејџерите им велам: имате глас, користете го,” вели таа како одговор на прашањето за најефикасниот лек за еко-анксиозност. „Протестот е единствен начин да те слушнат и ако не се чувствувате доволно силни сами да го кажете тоа, соберете се во голем број. Соберете луѓе што се на ваша страна, што ќе разберат што сакате да кажете. Важно е, затоа што се случуваат толку многу нешто, а луѓето се чувствуваат лошо, но вмешајте се и нека ви се слуша гласот.” Знае дека ставот на повозрасните го оформува доминантниот наратив во моментот, но тоа може да се смени. „Нашето помина,” вели за возрасните во светот. „Вие сте следната генерација!”

Споменатиот извештај истакнува четири начини на кои колективно можеме да си го следиме менталното здравје во вакви моменти на криза. Треба да се верува во сопствената издржливост, да се негува оптимизам, да се култивира активен начин на справување и себе-регулирање, да се практикуваат активности кои помагаат да се добие чувство на значење и да се промовира поврзаност со семејство, простор, култура и заедница.

27 септември 2019 - 13:21