Се роди Лилибет, крстена по прабаба Елизабета II

Како да споделиш пријатна вест за родено бебе, а во случајов да не потегнеш кладба дека принцезата Ен некаде пуши цигари и пцуе во моментов?

Прво, финото: Принцот Хари и војвотката Меган Маркл добија ќерка, Лилибет Дајана Маунтбатен-Виндзор, десетто правнуче на кралицата Елизабета II и со име како нејзиниот прекар, со кој ѝ се обраќа семејството приватно. Второто име е се разбира, во чест на баба ѝ, принцезата Дајана.

Бебето тежи 3,400 гр. Нејзиниот брат, Арчи Харисон Маунтбатен-Виндзор е седми по ред за тронот, но нема титула.

Тие што сакаат да пратат подароци, младите родители ги упатуваат да донираат на организации што работат со жени и девојчиња:

„За тие што прашуваат за праќање подароци, ве замолуваме да поддржите или да се едуцирате за следниве организации што работат за жени идевојчиња: Girls Inc., Harvest Home, CAMFED или Myna Mahila Foundation.“

Зошто ја упропастивме веста со коментарот за ќерката на кралицата Елизабета, принцезата Ен?

Затоа што е веројатно крајно непријатно да те направат расист и да ти го развлечкаат семејството по кал, плус сето тоа да биде со сомнителна веродостојност, за на крај да го наречат новото бебе по мајка ти, која е случајно матријарх на истото тоа семејство.

Имено, во однос на расизмот, ако ви текнува, Хари и Меган кај Опра се пожалија дека „одреден член на кралското семејство, од главните“ искажал сомнежи и „секирации“ за бојата на кожата на Арчи пред да се роди, и одбија да кажат за кого се работи затоа што „ќе ѝ се уништи животот на таа личност“. По метод на елиминација, британските и светските медиуми стигнаа до заклучокот дека зад овие зборови се крие принцезата Ен, која, сосе семејството, пренесуваат дека му е најифрит на Хари, главно затоа што ги извадил нејзините зборови од контекст и затоа што реалната загриженост била околу способноста на Меган да издржи во институцијата за која се мажи, а не околу бојата на нејзината кожа. Поточно:

„Принцезата Ен со право беше загрижена дека доколку бракот се случи и се родат деца, ќе има огромни проблеми, не поради бојата на кожата на Меган, туку поради нејзината неспособност и решеност да не ги прифати културните разлики. Можно е Меган да нема доволно почит за институцијата во која се мажи и за семејството во кое што влегува.“

Среќа па, сѐ се заврши како што треба и Меган ѝ докажа дека не е во право.

Да е жива и здрава.

7 јуни 2021 - 00:00