Хари како да почна да си измислува

Преглед на интервјуата што ги има дадено низ годините покажува недоследности и недоречености во приказната што сега ја раскажува на светот.

Во серија интервјуа годинава, принцот Хари даваше експлозивни изјави против кралското семејство - и за луѓето и за институцијата - во детали зборувајќи за штетата врз неговото ментално здравје, предизвикана од неговото воспитување.

Сепак, за време на некои од овие разговори, Хари настапува малку ревизионистички кон историјата, контрирајќи си на претходни изјави што ги дал за проблемите со менталното здравје и подршката (или недостатокот од неа) што ја добил од кралското семејство. Се обидува да претстави дека се работи за институција што не се замарала со неговите повици за помош, да оформи слика за човек што страдал во тишина додека не му влегла Меган Маркл во животот. Но, минатите изјави и она што сега го тврди не се совпаѓаат баш секогаш.

Кај Опра на пример, Хари се поби тврдејќи дека никој во неговото семејство не го охрабрил да побара помош од психолог, или јавно да зборува на некои теми, особено за смртта на мајка му.

Хари искуси многу јавна траума како тинејџер, и оттогаш има прераснато во значаен активист за зачувување на менталното здравје. Не само што мајка му загина на екстремно трагичен начин, туку и пред тоа, а особено после тоа, со брат му беа постојано напаствувани од папараци на секој чекор. Хари порасна и се брендираше како амбасадор за свест за ментално здравје, а подоцна од тоа направи и кариера, зборувајќи за важноста на таа свест, особено кај воените ветерани и лансираше национална кампања зедно со принцот Вилијам и Кејт Мидлтон.

Е сега, портпаролот на Хари и Меган прави дистинкција меѓу јавниот активизам на Хари и неговата приватна борба, па, вели, иако побарал порано третман за неговото ментално здравје, сепак откако ја запознал Меган, таа била катализаторот за наоѓање терапевт кој конечно ќе може да му ја пружи помошта што му е потребна. Значи, членовите на кралското семејство не го охрабрувале да зборува за ментално здравје, иако ова беше една од најголемите каузи што ја предводеше додека беше дел од нив?

Имено, во подкаст на Телеграф, каде што кажа дека побарал помош од психотерапевт, неговата изјава беше:

„Можам со сигурност да кажам дека тоа што ја загубив мајка ми на 12-годишна возраст и ги исклучив сите мои емоции во последниве 20 години имаше сериозен ефект, не само на мојот личен живот, туку и на работата. Веројатно сум бил многу блиску до комплетен слом во повеќе наврати, кога ми доаѓале секакви видови на тага, лаги и погрешни размислувања од секој агол.“

На истиот подкаст кажа и „зборував со психијатар неколку пати, одлично е и не ми се верува дека не сум го направил тоа порано.“ Не зборуваше само Хари за ова, туку и Кејт, во однос на мајчинството, за „мајчинско чувство на вина“, кога работата ѝ се мешала во времето поминато со семејството, па се чувствувала осамено и изолирано како нова мајка.

Истиот оној портпарол од погоре објаснува дека, да, активизмот на Хари навистина се поклопил со неговото сопствено терапевтско патешествие, ама само откако започнал врска со Меган си нашол добар терапевт и само тогаш стекнал самодоверба да биде уште поотворен за неговто лично доживување и да стане подобар активист.

Во превод, „добро, он може бил на психијатар де, не дека му бранеле, ама Меган поубав психијатар му најде.“

Опра исто така го праша дали почнал со психотерапија пред четири години, откако ја запознал Меган, и Хари рече „да“. 

Но, претходно има кажано дека токму Вилијам бил тој што го терал да почне со терапија. Поточно, во 2017 изјави:

„Пред три години, замислете, од целата подршка и поради тоа што брат ми и други луѓе ми викаа, мораш да се справиш со ова, не е нормално да мислиш дека не ти влијаело. А брат ми, да е жив и здрав ми беше огромна подршка. Постојано ми велеше, ова не смее вака, не е нормално, мораш да разговараш со некој за ова, во ред е.“

И конечно, и покрај тврдењето во документарната серија дека „секое прашување, барање, предупредување, што и да е“ за ментално здравје „беше пречекано со тотална тишина или тотална негрижа“ од кралското семејство, кога Меган му кажала дека има суицидни мисли - не побарал помош. На Опра ѝ кажа дека бил „преплашен“ кога Меган го споделила ова со него, не кажал на никого, и на прашањето на Опра „Кажа на некој друг во семејството, ‘морам да ѝ помогнам, ни треба помош за неа’?“, Хари одговори, „Не. За тоа едноставно не се разговара. Веројатно ми беше срам да им признаам.“

Чудно, со оглед на тоа што постојат податоци дека и принцезата Маргарет и принцот Чарлс далеку пред Хари да се роди имале потреба и добиле психотерапија. Па, и Хари. Дали вака се побива затоа што стварно не се доискажува во јавност, или само не сака да спие во дневна, ќе видиме.

3 јуни 2021 - 00:09