Па, тоа беше експлозивно. Дури и поексплозивно од очекуваното. На нивната двочасовна седенка со Опра Винфри, Хари и Меган забија долг нож во монархијата. Навестија дека се работи за ладна, отсечна, расистичка институција, толку осиромашена од основно човечко чувство што довеле една релативно млада, чувствителна жена - г-ца Маркл - да помисли на самоубиство. Како разговорот на Дијана со Мартин Башир на стероиди беше. Судир меѓу кралски куќи вреден за во приказна на Џорџ Р.Р. Мартин. Истовремено беше и гротескен спектакл - емотивно манипулативен, опседнат со себе и со јасен обид од страна на Хари и Меган да се позиционираат како кралот и кралицата на политиките на жртва.
И сцената беше за повраќање. Имаме војвода и војвотка во незамисливо луксузно опкружување на една калифорниска куќерина, како зборуваат колку им биле тешки животите. Во земја каде што 40 милиони луѓе изгубија работа како резултат на карантини и локдауни, овој пар што добива милиони за да прави некакви подкасти, ѝ кука на милијардерката Опра Винфри за опресијата на естаблишментот. Меган носеше фустан од 4500 долари. Веројатно нема повторно да го облече. Тоа е повеќе од двојно од сумата што очајни Американци ќе ја добијат како финансиска помош за да преживеат во наредните неколку месеци. Перверзно е.
Истовремено, го имаме лицемерието околу приватноста. Хари и Меган ги презираат инвазивните медиуми - ги викаат чудовишна машина и инсистираат дека само сакаат да живеат на раат, со приватност. А сепак, константно откриваат сѐ. Во детали ни раскажаа за абортусот на Меган. Во интервјуто, Меган се отвори пред Опра дека имала суицидни мисли додека била „заробена“ во кралското семејство. Никој не ја нарушува приватноста на Меган повеќе од самата Меган. Проблемот не е во нас, гадната толпа што чита таблоиди и им додева на Хари и Меган за уште информации од нивниот живот; проблемот е што упорно ни ги пикаат нивните најинтимни искуства во врат. А вие нас да нѐ оставите на раат?
Нема сомнеж дека интервјуто претставува сериозен удар врз монархијата. Драматично ќе ја оштети нивната меѓународна репутација, која одлично се држеше и за време на разводи, скандали и лоши времиња во последниве децении. Интервјуто ќе ја разори и нивната мистериозност - моќта на монархијата лежеше во способноста да се изолираат од надворешниот свет, да се претстават како да се над вообичаениот секојдневен живот.
Меган намерно ја спомна Дијана во интервјуто. Заедно со Хари се надеваат дека ќе ја отелотворат културолошката моќ што новите елити ја инвестираа во нејзе, но во уште поинтензивна форма. Сега нема да биде само култ на жртва и емоционализам - ќе има и политики на идентитет. На пример, Меган завиено спомна како некој член на кралското семејство се прашувал колку ќе биде темна кожата на Арчи. Немаме поим дали ова бил наивен, љубопитен коментар, или отворено расистички - најверојатно првото. Но, тоа инстантно влегува во наратив дека сега тие се жртви на стариот естаблишмент, на културата на расизмот, на колонијалните подтонови на модерните медиуми, како што кажа Хари, што звучи доста безобразно кога доаѓа од човек што учествуваше во окупацијата на Авганистан.
Она што сега го гледаме во Меган и Хари е чудната, контрадикторна моќ на индустријата на жртви. Во денешно време, моќта доаѓа со тврдењата за страдање. Јавно покажаната слабост е алатка за диктирање на сите да се отворат, да го сменат ставот, да станат „посвесни“. Да се биде жртва е сега калап по кој новите елити, дали уплакани политичари или филмски ѕвезди што страдаат, даваат инструкции за начинот на кој треба да мислиме, да чувствуваме, да бидеме. Затоа Меган призна дека размислувала за самоубиство. Личеше манипулативно. Во основа беше декларација за емотивна автентичност. Меган за наследување ја има вистинската страна на емотивната историја на светот после Дијана - тоа беше пораката.
Дури и републиканец како мене може да види дека нема ништо прогресивно во моменталниот бес кон палатата. Нема ништо за славење кај промената на светот од свесен за себе и стоички спремен во свет опседнат со откривање на себеси. Ваквиот развој ѝ штети на слободата на умот и чувството на морална автономија со тоа што нѐ тера да се поклониме на култот на емотивноста и го намалува просторот за отворена, демократска дебата.
Хари и Меган не се борат со естаблишментот - тие се естаблишментот. Ете ви ги новите аристократи, уште полоши од старите.