Ријана ќе паузира од мода

Fenty Fashion оди „на одмор“, а куќата ќе се фокусира на убавина, нега на кожа и долна облека.

Фенти постои три години и во тие три години успеа да стане гигант во својата индустрија - прво донесе разноликост во светот на козметиката и направи револуција во однос на презентацијата што другите брендови најчесто ја прават на писта. Ријана буквално ја натера цела индустрија убаво да се погледне во огледало, се прошири во мода во 2019 и влезе во историја со вниманието посветено на жените во боја.

Сепак, во заедничка изјава, Ријана и ЛВМХ кажаа дека Фенти, барем во однос на модата ќе ги затвори вратите на некое време. Причината е „чекање на подобри услови.“ Повеќе причини не се наведени, но со оглед на тоа што светот се справува со пандемија, веројатно влошените услови за работа на една модна куќа се причината што Фенти оди на одмор. Ријана е позната по тоа што е активна во создавањето на нејзините колекции, често патува да купува материјали, дури го учи и процесот на производство на облеката, а коронавирусот не дозволува слободно шетање и учествување во секакви активности.

И додека Фенти си оди на неодредено, или хијатус, (термин што го имаат искористено многумина што не се вратиле повторно на сцена), WWD пријавува дека веќе е собрана екипа што ќе ги затвори просториите и во Париз - во Лос Анџелес се веќе затворени. Инстаграмот на Фенти е веќе некое време тивок, а веројатно и сајтот ќе згасне за некоја недела.

Сепак, ЛВМХ продолжува со другите правци - во изјавата ја потврдуваат амбицијата да се сконцентрираат на раст и долгорочен развој на екосистемот на Фенти, со фокус на козметика, нега на кожа и долна облека.

11 февруари 2021 - 14:00