Расел Кроу е единственото добро во „Sleeping Dogs“

Ако ви се гледа ненаметливата, а совршена актерска игра на Кроу, слободно пуштете. Ако само ви е дојдено до „добар филм“, ич не губете време. Филмов прошол покрај „добар“ и не застанал.

Имате ли и вие досадна особа во животот што сè што ќе бендиса, ви вика дека МОРА да го гледате/прочитате/видите? Главно има добар вкус, ама ете, некаде вкусовите ви се разидуваат и од слепа доверба, знаете да завршите со потрошени два саати во животот на нечие дело што пукнало да биде „Мементо“ или „Шесто сетило“, ама никако во тоа не успеало?

Ете, така некако и јас завршив пред телевизор на новиот филм на Расел Кроу, Sleeping Dogs. Насловот е од фразата let sleeping dogs lie, или на нашки „не дирај мечку у знаете-кај“. И првата минута од филмот убаво си изгази, ама некаде кај втората, го снема тој талент за јасно отварање, и почна едно издупчено сценарио што ни актер од овој калибар што веќе нема што да докажува, не можеше добро да го износи на грб.

Работен е според книга, The Book Of Mirrors, и дај боже да е книгата добра, затоа што инаку светот е почастен со дури две дела со дупки, и филмско и книжевно.

Значи, Рој Фримен (Кроу) е пензиониран полицаец, страда од Алцхајмер, не памти ништо од животот и оди на експериментални третмани за лечење. Ова е таа прва минута од филмот што е добра.

Дознава дека има случај од пред десет години, каде што убиецот осуден на смрт тврди дека невин, и така несигурен и заборавен одлучува дека и онака докторката му рекла да го вежба мозокот, па ќе се наврати да провери. Џабе поранешниот партнер му вика да не пипа мечки кај што не се пипаат, него го интересира.

Истрагата го води до еден недовршен ракопис, што пак филмот го води во прикажување на дејството на ракописот, што е толку сељачко, што помислуваш дека самиот приказ е режисерска одлука - има еден лик што  ракописот го опишува како самобендисан. Може и е навистина режисерска одлука, ама ова само ќе го нагаѓаме, никој нема да ни олесни и да ни каже „не се секирај, намерно е глупо“. Овде се воведува и ликот на Лора Бејнс, еден тотален реквизит, еднаков на маса со три ногарки, и исто како да си ѝ дал клучна улога до самиот крај на една маса со три ногарки, така и Лора Бејнс придонесува кон дејството. Во еден момент, актерката испробува комплетно друг пристап кон ликот - од обична жена, со обичен глас и говор, почнува да се однесува како робот, а акцентот и гласот ѝ се укочени некаде на граница меѓу вештачка интелигенција и трансатлантски акцент за потребите на стар Холивуд, па ти храбро ќе помислиш дека ова се случува затоа што е всушност измислена од главниот лик.

Немаш толку среќа.

Спојлер: Не е измислена. Постои. И тоа џабе. Најџабе на свет, само за да не заврши филмот за 15 минути.

Една од поиритантните работи е скршеното стакло врз една фотографија што ја прави непрепознатлива, па главниот лик баш за потребите на заплетот не ја вади одма да ја види. Да ја извадеше одма - пак 15 минути филм.

Иако нема потреба и поента да се направи спојлер за крајот за да се истера излагањево до крај, сепак од овде има по некој спојлер, па читајте на сопствен ризик. Расплетот, односно расплетот-пред-расплетот веројатно ни самата екипа зад камери не може да го објасни. Зошто жената звана маса со три ногарки беше толку инволвирана во крајот, кога нејзиниот лик по секоја логика требаше да заврши со дејството некаде на почетокот на филмот? Плус, цели двајца луѓе умреа во тој расплет што немаше апсолутно никаква потреба да умрат. Обично, на филм, луѓето со живот бранат нешто значајно, нешто поголемо од нив, или барем себеси. Толку ли им беше битно на пропаднат џандар и комплетно непозната жена да го спасат бившиот алкохоличар и сериозно проблематичен полицаец од самиот себе?

Сто пати ќе се излажете да побарате поголема длабочина. Филмот игра со дупки во меморија и експериментална психологија, па ќе ловите зборови во дијалог што „да не се тригер бе, за да се сети на нешто?“

Џабе.

Ќе ловите светла и камера, „знаеш, во други филмови кога вака трепка светлото, може да значи дека сонува или дека халуцинира.“

Џабе.

Нема потреба да се коментира дали „одма ви текнало како ќе заврши“, или не сте можеле да погодите, затоа што сè е измислено и не е фер кон филмовите - и да погодиш, поентата е приказната да ја бива доволно и да биде доволно добро претставена, па да не ти е ни криво.

Е па, криво ти е.

Во сето ова, барем ќе ве радува таа неоптеретена, врвно талентирана појава на Расел Кроу, тоа негово незамарање и тоа играње што и да треба без грам напор.

Филмот останува глуп.

-Ј.

4 декември 2024 - 12:47