Психолог и фризер на тема: зошто шишањето е емотивна работа?

Зошто носиме драстични одлуки околу косата кога сме емотивни? И зошто и самото шишање знае да нè потресува? Да истражиме.

Вечерта на 11-ти септември, 2001-ва, по нападите, клиентка оди кај њујоршката фризерка Шивон Бенсон. „Беше навистина вознемирена и сакаше да ја ишиша целата коса,” се сеќава Бенсон, која во тоа време уште се школувала, а сега има сопствен салон во Бруклин. Жената сепак не била при себе за да ја донесе таа одлука - си отишла со плачење и без фризура - и ова воопшто не е необична ситуација во тој свет. Бенсон често гледа клиенти кои доаѓаат многу емотивни со желба за драстична промена.

Се разбира, не е ново. Во 2007-ма, Бритни Спирс влезе во салон и сама си ја избричи главата, и ако не ви текнува или не сте го виделе тој момент, веројатно живеете во пештера. Јавноста се мајтапеше со тоа, а Бритни во тој момент поминуваше низ развод, имаше проблем со злоупотреба на лекови и се бореше со ментално нарушување. Тоа што се избричи беше веројатно начин да се ослободи од агонијата и да си докаже дека има некаква контрола и покрај немоќта што сигурно ја чувствувала за нејзиниот ужасно јавен живот.

Ова се прикажува и на платно/телевизија - жени кои се бореле со траума и отсекле дел или цела коса - во The Accused, Џоди Фостер се шиша скроз кратко откако нејзините силувачи ќе ги ослободат од обвинението. Во втората сезона на Girls, неподносливата Хана Хорват, после лоша епизода со нејзиното опсесивно компулсивно нарушување (ќе си го дупне ушното тапанче и нема да успее да напише книга за еден ден), веднаш се фаќа за ножици. Тоа што и поп-културата го покрива овој феномен е само уште еден доказ дека има силна врска меѓу драстично шишање и емотивна состојба.

Ребека Њуман е психотерапевт од Филаделфија и објаснува дека,

„Кога поминуваме низ период на транзиција и е особено болен, имаме тенденција да носиме одлуки што ни носат инстантно олеснување.”

Ова може да влече корен од желбата да се откачиме од интензивни или тешки емоции, па избрзуваме со одлуките - тука спаѓаат импулсивни купувања и посета на фризер. На овој начин, според Њуман, промената на физичкиот изглед е како отфрлање на старата кожа, а нашата претпоставка е дека веднаш ќе се чувствуваме подобро после тој чин. Сепак, на тој начин нервозата не се елиминира, бидејќи (досега научивме) физичката промена не го олеснува внатрешниот немир.

Кога ќе заврши романтична врска, инволвираните често сакаат да направат промена кај косата. „Тагата и раскинувањето можат да го натераат човек да промени многу во изгледот, и со тоа  потенцијално да ја отстрани и буквалната и метафоричната тежина на косата,” вели Њуман. Долгата коса бара време, внимание и производи, а ако се откачиш од тие ритуали, може да ти дојде како симбол на откачување од емотивниот труд на самата врска.

Според истражување спроведено од TYME, 20 проценти од испитаните 680 жени плачеле заради фризура што не им се допаднала, а една од шест жени рекла дека би се срамела да се појави во јавност ако нешто не е во ред со нејзината фризура.

Њуман смета дека нашето разбирање и стандарди за убавина често го оформуваат нашиот пристап до косата.

„Косата може да ни помогне да се почувствуваме подобро во врска со себе, но не содржи по дифолт волшебни моќи,” вели таа. Одново креирање на себеси може да создаде лажно чувство на контрола. Можеби ќе мислиме дека ги држиме конците на што и да е тоа што се случува, но сепак е важно да препознаеме дека, иако можеме да влијаеме на одредени аспекти од животот, она што вистински можеме да го менаџираме се нашите емоции и реакции. Во стресни моменти, можеме да побараме различни начини за бегство како што е шишањето, но чувството ќе биде привремено. За да се одреди дали екстремното шишање е здрав начин на справување со нешто, Њуман предлага да се запрашаме: дали одлуката ја носиме затоа што се чувствуваме моќни, затоа што се плашиме, или за синтетички да креираме внатрешна промена.

„Ако веќе некое време разгледуваш фризури на Инстаграм, може и не е така драстична промена,” вели таа. Во секој случај, Бенсон, фризерката од погоре, препорачува да се почека додека не се смириш, за да одлучиш дали „шишај све” и она што вистински го сакаш.

Сепак, во некои ситуации, нова фризура носи една слобода - ни дава нови опции за стилизирање и начини да се претставиме пред светот. Во однос на ова, Бенсон се сеќава на една млада клиентка што ја избричила главата на 12, за да потврди и да покаже дека е трансродова. Како фризер, објаснува колку е важно да сочувствуваш со клиентите. „Имаш работа со толку многу различни животи што на стол ти седнуваат со цел нивни багаж.” Во тој контекст, кога се направени како што треба, новите фризури можат да бидат вистински начин на трансформација и можат многу да помогнат со самодовербата.

29 март 2019 - 00:30