Ленапе, што значи „народот“ или „вистинскиот народ“ се оригиналните домородни њујорчани, и за нив, Њујорк е Ленапехокинг. И името Менхетн доаѓа од нивниот јазик. Каде што сега има подземни железници и се извишуваат облакодери, Ленапе собирале школки и се занимавале со риболов и градинарство. Денешниот Вест Вилиџ бил начичкан со селца со вигвами, а Бродвеј бил едноставно патека.
Познатата продажба на Менхетн во 1626, каде холандскиот колонизатор Петер Минуит го купил островот од Ленапе-народот е политички и историски матна приказна, раскажана исклучиво од страната на колонизаторите. Реалноста има многу повеќе кварна човечка логика - поголемиот дел од земјата е одземен без дозвола и главната причина за тоа е што во игра биле големи културни разлики.
Ленапе имале сосема поинаков начин на размислување од Европејците. Не биле ни материјалисти ни искусни трговци по природа, а сигурно не биле ни капиталистичка нација. Напротив, работеле одржливо земјоделство, долго пред да „одржливо“ да стане трендинг. Животот им се вртел околу работата и релокацијата на нивните села секоја година, со враќање на претходните локации секогаш кога земјата се обновувала.
И што е најбитно, концептот на „поседување земја“ им бил туѓ и невиден, затоа што земјата не ја гледале како нешто што може да биде приватен имот. Така, во однос на трансакцијата (денес проценета на 24 долари), би сметале дека се работи за дар, или понуда за споделување на земјата и договор за ко-егзистирање. Холанѓаните од друга страна пак, апсолутно го гледале тоа како трансакција.
Денес овој „договор“, а и сите слични што се склучиле во тоа време, не би поминале на суд. Но, во рок од само 40 години од зделката за Менхетн, војните и странските болести веќе ги довеле Ленапе на работ на истребување.
Последниве години е возбудливо да се гледаат нивните фестивали на нивно тло, во Њујорк, за кои возбудено кажуваат дека нивните мокасини газат по истите патеки каде што газеле и мокасините на нивните претци.