Проблеми што ги имаат само паметни луѓе

Немате вакви? Добро, бар сте убави.

Дали некогаш сте се запрашале дали сте можеби препаметни за свое добро? Ако да, тогаш ќе можете да потврдите и дека не е тоа суетно и самобендисано прашање - повеќе е едно оплакување на ситуацијата, затоа што паметните луѓе се соочуваат со посебен ред проблеми, што поедноставните луѓе ги немаат.

На пример, во истражување правено со членови на МЕНСА, се открило дека високиот коефициент на интелигенција често повлекува ментални нарушувања. Испитаниците пријавиле опсесивно-компулсивни нарушувања, депресија, биполарност и други сродни состојби, плус стекнати нарушувања како алергии, астма и автоимуни болести.

На поведра тема што нема врска со нарушувања - паметните најдобро функционираат ноќе. Ова колку и да звучи романтично и уметнички, факт е дека ако остануваме будни до касно, а потоа мораме и да станеме за дневни обврски, си правиме лоша услуга и, најпросто кажано - го гњавиме телото кое се мачи да воспостави ред, па џабе и високо IQ, ако не сме наспани.

Паметните имаат повисоки очекувања, па според тоа почесто се подложни на разочарувања.

Лесно се возбудуваат и имаат вишок енергија. Ова се манифестира со натпреварувачки дух, компулсивно средување, компулсивно зборување, компулсивно однесување и слично. Станува „проблем“ кога се третира поинаку од страна на наставниците и родителите.

Еве го и тоа што го чекавме: претерано анализирање на работите. Паметните луѓе се способни да се фрлат себеси по метафорични спирални скали и да се тркалаат надолу, анализирајќи до бездна, и тоа нешта што на помалку интелигентен или глуп човек не би му паднале ни на крај памет да ги анализира. Проблем е, затоа што предизвикува стрес и анксиозност, а особено кога нѐ ограничува во најосновни социјални активности.

Паметните се и поподложни на стрес, што создава проблеми својствени за сѐ горенаведено.

23 декември 2020 - 12:59