Јужнокорејското движење 4Б добива нови нивоа на интерес откако стана јасно дека Трамп ќе ја победи Харис. Разочараните гласач(к)и на Камала сметаат дека со ова им се потврдува уверувањето дека поголемиот дел од популацијата ќе избере „што да е“, само да не е жена, па затоа и 4Б станува сè попребаруван термин.
4Б се појави во 2019 година и означува четири корејски зборови што почнуваат со „би“ - односно „не“.
Значи:
Бихон - нема хетеросексуален брак
Бикулсан - нема раѓање
Бијонае - нема гледање, состаноци, дејтинг со мажи
Бисексеу - нема хетеросексуални сексуални односи
Жените што се вклучуваат во движењето бојкотираат систем што според нив заговара родова нееднаквост. На бракот гледаат како егзистенцијална закана, а не е дека зборуваат напамет: Како и во САД, Јужна Кореја има проблем со нееднаквоста во платите, а извештај од 2018 покажува дека за девет години, најмалку 824 жени биле убиени, а 602 биле на ризик од интимен партнер.
Заради ова, бираат да се оградат од било каква традиционална врска, со објаснување дека елиминираат ризици што доаѓаат од хетеросексуални бракови или врски.
Нејасно е колку е раширено движењето со оглед на главно анонимната и офлајн природа, а и потеклото му е еднакво небулозно. Секако има доведено до уште поголема тензија меѓу мажите и жените, па одговорот од другата страна е дека жените се стереотипно себични, суетни и ги експлоатираат партнерите.
Ставот се пресликува во САД, каде што мажите едвај се снаоѓаат со променливите родови улоги, па заклучокот е дека се вртат кон конзервативни лидери како Трамп, што ветуваат враќање на традиционалните вредности и оставаат впечаток дека приоритет им се интересите на мажите, на сметка на женската автономија.
За многу жени во Јужна Кореја, 4Б не е само симболично, туку е општествен став за одново стекнување контрола над нивните животи, тела и иднина, како одговор на систем што сметаат дека станува сè понепријателски настроен кон нив.