Пластични операции според филтер на Снапчат?

Сè повеќе луѓе одат на разговор со пластичен хирург, притоа покажувајќи слики од себе со Снапчат филтер.

Покрај идиотските пчели што танцуваат и филтри што те прават драматично погрд, Снапчат има неколку што некако ти го чистат и осветлуваат лицето, ти ги изоструваат цртите и ги зголемуваат очите - и одма си поубав. Вака бендисани, луѓето прават неколку селфиња, правец на доктор и бараат да се постигне баш тоа.

Еден доктор ова го нарекува „снапчат дисморфија”. Инаку телесна дисморфија е ментално нарушување кое се однесува на идејата дека некој аспект од твојот физички изглед е проблематичен и дека се потребни исклучителни мерки за да се сокрие или да се поправи.

„Има еден проблем со губење на перцепцијата за тоа како навистина изгледаш, а за тоа не зборуваме доволно,” вели Рене Енгелн, професор по психологија на Нортвестерн и автор на Beauty Sick: How the Cultural Obsession with Appearance Hurts Girls and Women. Пред Снапчат и Инстаграм, објаснува таа, средени слики беа резервирани само за славни личности и манекенки во списанија, и генерално се знаеше дека се ретуширани. А сега социјалните мрежи го менуваат тоа, до степен и да забораваме како всушност изгледаме без филтер.

„Не е доволно што мораш да се споредуваш со овие усовршени слики од манекенки, туку сега на дневна основа имаш споредба меѓу вистинскиот ти и ти со филтер. Тоа е само уште еден начин секој ден да добиваш потврда дека не си доволно добар.”

Дојдени сме до тоа луѓето да користат филтри како извор за инспирација за потенцијални козметички процедури кои секако не се евтини. Поголемиот дел од луѓето што легнуваат под ваков нож се жени, што има и смисла со оглед на тоа каков притисок имаат да се вклопат во општеството со неговите променливи и често штетни стандарди на убавина.

„На жените нонстоп им правиме притисок да се вклопат во одреден идеал за убавина, па потоа се обидуваме да ги засрамиме што воопшто се одлучиле да направат нешто во врска со тоа,” вели Енгелн. „Мислам дека не треба така. Мислам дека треба да се движиме напред и да охрабриме прикажување пореални примери, а тоа станува сè потешко да се направи.”

15 март 2018 - 12:07