На долго:
Мучиоло (на Инстаграм: @StudioMucci) себеси се опишува како „уметник, дизајнер и ентузијаст за бои.“ Има 300.000 следачи, а објавува декорации за домот и љубов за дезени и виножита, плус има Јутјуб канал со наслов Tasselfairy. За себе кажува уште дека е и бисексуалка, а има и дијагноза дека е аутист, па сака „сите на интернет да се чувствуваат добредојдени и нејзините социјални мрежи ги користи за таа цел“.
Сите на интернет да се чувствуваат добредојдени. Хех.
Како и да е, во 2019 добила пораки од следачи што ја прашувале дали знае дека „ја направиле кукла“, и се шокирала кога ја видела истата кукла.
„Првото што го забележав беше детална копија на една фризура со која го прославив 35-тиот роденден,“ вели таа. „Во боја на аквамарин и виножито-прамени, а се шокирав затоа што фризурата е резултат на мојата имагинација и коса што ми остана од претходна фризура. Не гледав од никаде, па се вознемирив кога видов дека нешто што е директен производ на мојот ум е ископирано во играчка во чие создавање не сум учествувала.“
Оваа коса ја имала од ноември 2018 до февруари 2019. Куклата со име „Реинбоу Рејвер“ е пуштена во продажба во јуни 2019.
На 7-ми јуни годинава, Мучиоло отвори дискусија за куклата кај нејзе на Инстаграм, со тврдењето дека „ја креирале врз основа на нејзиниот имиџ, без нејзина дозвола.“ Тврди и дека се обидела да ги контактира, но ја игнорирале. Затоа наводно и излегла во јавност и побарала помош преку петиција.
А не ѝ е прв пат. Ја има обвинето и компанијата Лиса Франк дека го ископирале нејзиниот стан за поп-ап хотел. Од Лиса Франк одрекуваат.
ЛОЛ Сурпрајз пуштија изјава на 10-ти јуни, во која ги отфрлаат овие наводи и велат дека куклата се развива уште од септември 2018, но Мучиоло продолжува да критикува.
Тука излудува Исак Ларијан, основач и директор и пишува на Твитер дека му е преку глава - ја нарекува „брука за БЛМ“ и „лажга и кукавица.“
„Ти си лажга и изнудувач и измамничка,“ пишува Ларијан. „Кој ти е тебе адвокат? Дај ми име и контакт-информации јавно, за да го контактираме. Веќе нема да бидеме фини и ќе те тужиме за клевета, изнудување и измама. Само гледај!“
Мучиоло после ова изјавува дека се исплашила и се шокирала.
„Тој не ме познава. А ми вика дека сум неуспех и измамничка и срам за црнците. Само затоа што сум се осмелила да се одбранам. Ги премина сите граници и многу ме повреди.“
На Твитер, не треба ни да ви кажеме дека застанаа во нејзина одбрана.
Ларијан после тоа објави извинување напишано во Ноутс на телефон и призна дека реагирал заради фрустрација. Ја поддржа и изјавата на ЛОЛ, дека куклата се работела уште од септември 2018. Наводно, куклата ја правел еден од нивните црни уметници, кој не ја користел Мучиоло за инспирација.
„Нашиот шарен и креативен тим се инспирира од трендовите во поп-културата,“ пишуваат од компанијата. „Рејнбоу Рејвер е дизајн инспириран од мода на музички фестивали. Многу ја почитуваме уметничката и креативната заедница и не би украле од креатор на тој начин. Неуморно се трудиме да го заштитиме нашиот интелектуален труд од вакво однесување.“
Ларијан плус кажа дека правниот тим се обидува да контактира со Мучиоло за да се реши проблемот. Мучиоло вели дека е во процес на најмување адвокат што ќе ѝ помогне и дека планира да продолжи да се брани.
„Нема да дозволам ова да ме спречи понатаму да се изразувам и да ширам љубов, боја и позитива во светот,“ вели таа. Ќе продолжам да се бранам затоа што мислам дека со тоа зборувам и во име на секој друг црн уметник и независен креативец кој искусува ваков тип на кражба, но нема платформа да се брани. Ова однесување од големи корпорации мора да престане. Многу е полесно да платиш и да соработуваш со уметникот, отколку само да крадеш.“